Професорот по трудово право Лазар Јовевски смета дека потпишувањето на 60-те поединечни колективни договори со институции од јавниот и државниот сектор е историски момент во оваа сфера бидејќи, како што нагласува, спецификата е што на овој начин се навлегува многу подлабоко во однос на одредени прашања кои се поврзани, односно се од значење за самите вработени. На ваков начин, вели, има голема застапеност на подобрени права, кои се однесуваат на сите вработени, плус, како што вели, е круната на целиот процес, а тоа е покачувањето на платите, кое за речиси две години треба да изнесува 42-43 проценти.
Според него, ова е нешто што до сега се нема случено на ваков начин во државата Македонија, од осамостојувањето, па до денес.
Она што особено го радува, вели Јовевски, во гостување на ТВ „Њузмакс“, е што на ова прашање му се пристапува системски и што се остава простор за зголемување на платите и во иднина, а не само еднократно. Така што, нагласува професорот Јовевски, ова нешто е поинакво и покажува дека Македонија е веќе лидер во колективното преговарање во јавниот сектор во регионот.
Додава дека гледано и од теоретско-правен аспект, не само од практичен, туку и од научен аспект, се гледаат чекорите, се гледа визијата, се гледа аспектот на тоа дека има план, стратегија и методика начин како да се оствари одредената цел. Овие договори што ги направи Владата, смета Јовевски, треба да биде охрабрување и за самиот бизнис-сектор, да седне да разговара со синдикатите и да види како може да се решат работите во овој сектор.
– Јас вообичаено не сум човек што сака да кажува силни зборови, но како професор по трудово право се радувам што сум современик и сведок на еден, би рекол, историски трудово-правен момент во нашата земја, целиот јавен сектор, односно сите административни службеници, вработени како административни службеници или државни службеници, попознати помеѓу граѓаните, да бидат опфатени со колективни договори, и тоа не било какви колективни договори – вели професорот.
Пронајдете не на следниве мрежи:


