Поранешниот државен правобранител и актуелен адвокат Фехми Стафа признал вина за делото за кое се гони и е во притвор, потврдуваат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за Телма.
Според информациите, синоќа е склучена спогодба меѓу обвинителството и Стафа, по што тој признал вина за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Со спогодбата е предвидена затворска казна од една година и три месеци, но таа треба да биде потврдена од надлежен суд.
Стафа беше уапсен во декември, откако бил фатен со пари кои ги примил од сестра на негов клиент. Според истрагата, освен 20 илјади евра што му биле пронајдени, тој наводно барал и добил вкупно 50 илјади евра за да посредува и да влијае врз одлука на апелациски судија.
Обвинителството утврдило дека Стафа првично побарал 100.000 евра, а потоа во неколку наврати примал делови од сумата, при што вкупно му биле исплатени 50.000 евра. Дел од парите биле предадени по претходен договор со МВР, по што Стафа бил фатен на лице место и приведен.
Стафа беше уапсен на 13 декември минатата година. По изрекувањето на пресудата, се очекува да биде префрлен на издржување на казната во затворот „Скопје“ во Шутка, додека досега се наоѓа во затворот во Куманово.


