Секој има право да се допишува и да праќа писма, но моите чувства се се посилни, вели премиерот Христијан Мицкоски за писмата што ги испратил лидерот на опозициската СДСМ до европските претставници укажувајќи дека во земјава се нарушени демократскиот и уставниот поредок.
Мицкоски денеска му порача на Филипче дека може да се допишува со кого сака но прво да побара да се врати поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски во земјава.
За екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски кој е во Унгарија, Мицкоски рече дека ќе побараат екстрадиција кога Унгарија ќе го тргне азилот.
– Ама уште ли со тоа прашање, дадов одговор, нема да се повторуваме сега. Поранешните членови на полската влада немаат азил. Во нашиот случај, поранешниот премиер има азил и за да се испрати барање за екстрадиција прво треба процедура да се тргне азилот. Сега ако испратиме, негативен одговор ќе добиеме. Можеме утре да го испратиме, нема проблем, дајте малку суштински да ги гледаме работите. Опозицијата нека го побара Васко Ковачевски да дојде, изјави Мицкоски.
По неодамнешната изјава на Мицкоски дека има чувство оти ќе одговараат поранешни функционери на СДСМ, лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче испрати писма до европските институции и до амбасадите во земјава укажувајќи дека се нарушени уставниот и демократскиот поредок во државата и дека се најавува политички реваншизам.


