Рускиот спорт беше потресен од трагичната вест за убиството на Дмитриј Исаев, шампионот во повеќебој и почитуван тренер, кој беше убиен во Калуга.
Според досегашните информации од истрагата, мотивот на злосторството е патолошка љубомора, а главен осомничен е поранешниот партнер на девојката на Исаев.
Смртта на врвниот спортист ја потврди неговиот матичен клуб „Логово Зверја“, каде што Исаев работеше како тренер и беше пример за помладите генерации.
„Тешко е да се пишува за нешто вакво… Дмитриј Исаев, наш тренер, спортист и пријател, трагично почина синоќа. Во име на нашиот клуб, изразуваме сочувство до неговото семејство и пријателите“, се вели во трогателното соопштение на клубот.
Според руските медиуми и Телеграм каналот „Маш на спорте“, нападот бил планиран и извршен од заседа. Исаев бил погоден со најмалку два истрела од ловџиска пушка пред неговата зграда. Главниот осомничен е исто така професионален спортист кој не можел да прифати раскинување со својата девојка. Тој го следел Исаев со денови пред да го повлече чкрапалото. Откако биле испукани истрели, напаѓачот и соучесникот се обиделе да избегаат кон Москва, но полицијата ги лоцирала и ги уапсила во рекордно време.
Лекарите во Калуга се бореле за животот на 35-годишниот спортист речиси еден час откако бил итно префрлен во болница. За жал, повредите биле претешки, а Исаев им подлегнал на раните околу седум часот наутро.
Пријателите на жртвата Дмитриј откриле дека тој им се пожалил за конфликтот со двајцата мажи само неколку дена пред трагедијата, но никој не можел да претпостави дека вербалниот конфликт ќе ескалира во крвопролевање. Обвинителството покрена кривична постапка за убиството, а јавноста во Русија бара најстрога казна за сторителите.
Исаев ќе биде запаметен како исклучително позитивна личност и врвен професионалец кој го посветил својот живот на спортот и работата со млади луѓе.



