петок, 27 ноември 2026
Најново

Левица: Секој петти граѓанин не може да обезбеди основен животен стандард, речиси секое трето дете живее во сиромаштија

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Лаекенски индикатори за сиромаштија покажуваат дека 21,9% од граѓаните во Македонија живеат под прагот на сиромаштија, со највисок ризик кај самохраните родители и децата. Овие податоци не се само социјален аларм туку и јасен показател за неуспехот на економските политики во државата. Кога секој петти граѓанин не може да обезбеди основен животен стандард, а кај семејствата со три и повеќе деца сиромаштијата достигнува 55%, повеќе не зборуваме за изолирани социјални проблеми туку за длабока структурна нееднаквост, се вели во соопштението од Левица. 

„Особено загрижува фактот што без пензии и социјални трансфери стапката на сиромаштија би изнесувала неверојатни 39,4%. Тоа значи дека пазарот на труд и економскиот модел не создаваат доволно инклузивен раст туку државата преку пензии и социјални трансфери само амортизира дел од последиците. Високата сиромаштија кај невработените (45,7%), самохраните родители (45,8%) и децата (29,5%) укажува на сериозен недостаток на таргетирани политики за заштита на ранливите категории. Наместо долгорочни инвестиции во квалитетно вработување, детска заштита, достапно образование и социјална инфраструктура, сведоци сме на краткорочни мерки кои имаат ограничен ефект“, велат од Левица. 

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Од партијата посочуваат дека особено е поразителен податокот дека речиси секое трето дете во државата живее во сиромаштија.

„Тоа не е само социјален проблем, туку директен ризик за идниот човечки капитал, продуктивноста и долгорочниот економски развој. Ова е последица на економски модел кој го фаворизира формалниот макроекономски раст, а недоволно ја адресира распределбата на богатството и квалитетот на живот. Не е доволно да се говори за инвестиции, БДП и фискална дисциплина ако значителен дел од населението останува исклучен од придобивките на економијата. Затоа Левица апелира дека е неопходен сеопфатен социјално економски пристап заснован на политики што ќе придонесат кон праведна распределба на доходот, зајакнување на куповната моќ и подобрување на животниот стандард. Тоа подразбира поефикасен даночен систем со прогресивно оданочување, политики за раст на продуктивни и одржливи плати, засилена поддршка за семејствата и ранливите категории, активни мерки за вработување и развој на посилна јавна социјална инфраструктура“, стои во соопштението на Левица.

Поврзани вести