200 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора – Кос: Вратата од ЕУ отворена за сите земји од Западен Балкан

Европската Унија испрати порака дека вратите остануваат отворени за сите држави од Западен Балкан. Пораките беа испратени од седницата на Советот за надворешни работи на Европската Унија, која се одржа во Брисел, а на која присуствуваше и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Но, најголемо задоволство е за Црна Гора, која според Брисел е на милиметри до членство во Европската Унија. Добри вести добија и Македонија и Албанија. Еврокомесарката за проширување Марта Кос најави дека во наредниот период ќе бидат исплатени пари од Планот за раст за Западен Балкан.

„Исто така, имплементацијата на Планот за раст се одвива добро и во наредните денови ќе бидат исплатени близу 200 милиони евра за Црна Гора, Албанија и Црна Гора.“, вели Марта Кос.

Кос истакна дека штом земјите ги исполнат условите, тоа го прави и Унијата. Пари не добија Србија, Косово и Босна и Херцеговина.

Задоволен од средбите во Брисел беше и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој истакна дека Македонија останува целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, но порача и дека барањата на државата кон Брисел се повеќеслојни.

„Прво, потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на критериумите за пристапување, но исто така треба да се вклучиме и во други суштински прашања кои не се директно поврзани со проширувањето. Тука мислиме на безбедноста и одбраната, што е од клучно значење.“, рече Муцунски.

Според Муцунски, Европската Унија треба да посвети поголемо внимание на прашањата поврзани со економијата, трговијата, енергетската безбедност, храната и дигитализацијата, теми кои стануваат сè позначајни и за регионот и за Унијата.

Пронајдете не на следниве мрежи: