Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче смета дека се води пропаганда со која власта преку своите медиуми се обидува одговорноста за застојот во реформите да ја префрли врз Европската Унија. Наместо реални резултати и спроведени реформи, изјави Филипче, јавноста е сведок на политички спинови и обиди за манипулација со граѓаните.
– Муцунски грмнал во Брисел. Ова веќе звучи смешно само по себе. Но, она што воопшто не е смешно е дека криминалната група на ВМРО преку нивните медиуми ја обвинуваат Европската Унија дека не се спроведуваат реформите тука кај нас, рече Филипче на прес-конференција.
Ваквиот наратив, според Филипче, е класична политичка манипулација и обид за избегнување одговорност, а главната задача на медиумите блиски до власта се евроскептицизмот и антиевропската кампања.
– Од лажни вести луѓето веќе не знаат што е вистина, а што лага, затоа што сметаат дека европскиот пат е некакво предавство и загрозување на националните интереси, рече Филипче, додавајќи дека ќе има одговорност за ваквата пропаганда.
Повтори дека нема опасност по националните интереси на државата и дека рефомските закони од рефомската агенда се проблем за власта затоа што подразбираат независно судство, владеење на правото и одговорност.
The post Филипче: Пропагандата на ВМРО ја обвинува ЕУ за дебаклот со реформите appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



