ВМРО-ДПМНЕ: Најтрагично е што Филипче, човек опкружен со сомнежи и афери, се обидува да држи лекции за иднината на Македонија

Најтрагично е што Филипче, човек опкружен со сомнежи, афери и криминални сенки денес се обидува да држи лекции за иднината на Македонија. Вака владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска одговори на обвинувањата од лидерот на СДСМ, Венко Филипче искажани на прес-конференција.

Од владејачката партија реагираат на ставовите на Филипче во врска со уставните измени, нагласувајќи дека неговото инсистирање за влез на Бугарите во Уставот е резултат на неговата „заложничка позиција“ поради криминални активности.

„Денес повторно Венко Филипче продолжува со своето инсистирање Бугарите да влезат во Уставот прикажувајќи го како услов без кој не може. Condito sine qua non за нашата интеграција во ЕУ. Откако го прифатија на најдолен предавнички начин за услов водени од заложништвото кон Бугарија поради своите криминални активности, сега прикажувајќи се како проевропски политичари кажуваат дека треба да се прифати тоа што тие веќе го прифатиле“, се наведува во соопштението.

Според партиското соопштение, лидерот на опозицијата е „корумпиран заложник“ кој работи под менторство на „струмичкиот клан од Дубаи“. Тие го обвинуваат Филипче дека свесно ги игнорира бугарските негирања на македонскиот јазик и идентитет.

„Човекот денес излезе и практично кажа дека никогаш не чул Бугарија да го негира македонскиот идентитет. Не чул дека Македонците ги нарекуваат вештачка нација. Не чул дека македонскиот јазик го нарекуваат бугарски дијалект. Не чул дека Гоце Делчев, Јане Сандански и Питу Гули ги присвојуваат. Не чул ни кога македонски премиер го нарекуваат „северномакедонски“. Или не слуша. Или слуша, ама мора да молчи“, додаваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека политиката на СДСМ со години се водела по принципот „сè прифаќај, само остани на власт“, и дека сегашните ставови на Филипче се само продолжение на таа, како што велат, антимакедонска политика.

„До кое дереџе стигна европската иднина на Македонија ако криминалецот и потрчко на струмичкиот клан е спремен за ваква итна распродажба на националните интереси? За што толку го држат соседите Венко, па вака се глупира и вака јасно ги покажува своите антимакедонски ставови?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, Филипче е типичен пример за корумпиран политичар, фатен и уценет од соседна земја за да ја распродава сопствената.

„А кога веќе мора толку понижено да глуми адвокат на туѓи позиции, барем нека не ги навредува граѓаните дека не гледаат што се случува“, се додава во соопштението.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати критики до власта, обвинувајќи ги премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски за манипулација со јавноста и свесно кочење на евроинтеграциите на државата.

Пронајдете не на следниве мрежи: