Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на денешната прес-конференција информираше дека побарал официјална билатерална средба со министерката за надворешни работи на Бугарија. Средбата треба да се одржи на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Шведска.
ФОТО: Принтскрин
Муцунски нагласи дека дијалогот со Софија е неопходен и покрај неодамнешните непријатни настани и блокадата на европскиот пат.
„И покрај сѐ тоа што се случи во последните денови, мојот став беше прилично јасно артикулиран и јавноста го слушна за онаа несекојдневна и навистина непријатна епизода од пред некој ден. Ние мораме да имаме дијалог. Тоа не значи дека дијалогот треба да значи и попусливост по секоја тема. Но дијалог мораме да имаме“, изјави Муцунски.
Министерот изрази изненадување од ставовите на македонската опозиција, кои според него се совпаѓаат со оние на официјална Софија. Тој потенцираше дека улогата на Владата е да стои на линија на заштита на националниот интерес.
„Моја улога како министер за надворешни работи и улогата на Владата е секогаш да стои на линија на заштита на тоа што е наш национален интерес и приоритет на државата, што значи да не молчиме кога има обиди за понижување на државата“, рече тој.
Во однос на Изборниот законик и европските закони, Муцунски упати апел за зрелост до опозицијата. Тој предупреди дека неносењето на овие закони директно влијае врз привлекувањето средства од европските фондови.
The post Муцунски побара средба со бугарската колешка: Потребен е дијалог appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



