Министерот Алиу потврди: Деветмина пациенти оперирани без потреба!

Вкупно девет кардиолошки интервенции во неколку државни и приватни здравствени установи биле неоправдано извршени, а Јавното обвинителство ќе треба да утврди дали станува збор за кривични дела и кој треба да одговара. Ова беше соопштено на денешната прес конференција во Министерството за здравство на која беа претставени клучните факти што го утврдила тричлената комисија составена од странски експерти. Министерот Азир Алиу, рече дека значително се совпаднало мислењето на странските експерти со мислењето на домашната интерна група, која, исто така, ги анализирала случаите. Странската група била составена од: д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и д-р Черчеш Миха, интервентен кардиолог од Словенија.

Според министерот, странската комисија утврдила непотребно извршени операции кај 9 од вкупно 13 анализирани предмети. Односно, било оценето дека кај четворица пациенти третманот бил соодветен.

– Кај четворица пациенти констатираше дека обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со стандардите на клиничката практика, додека кај девет случаи документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација. Во овие девет случаи имало неоправдани интервенции. Документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација. На пример, укажува на несогласување на ангиографски наоди од коронографијата и писмениот извештај, по што следува несоодветна индикација за процедурите било ендоваскуларна или хируршка процедура. Во однос на овие случаи, Комисијата оценува дека „одредени аспекти од третманот и водењето на пациенти биле под очекуваните професионални стандарди и, можеби, неповолно влијаеле на исходот – потенцира министерот за здравство.

Се работи за пациенти на возраста од 45 до 78 години, кои, доколку сакаат, можат да бидат лично информирани за наодите.

– Случаите се однесуваат на интервенции и постапки во јавните и во приватните здравствени институции – во ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиологија, ЈЗУ УК за кардиохирургија, Клиничка болница Штип, ГОБ „8 Септември“, ПЗУ „Кардиоарт“ – Штип , ПЗУ „Жан Митрев“ и КБ „Аџибадем Систина“ – наведе министерот.

Тој додаде дека извештајот ќе биде испратен до Владата, Јавното обвинителство, Лекарската комора, Државниот здравствен и санитарен инспекторат, ДКСК… Но, Министерството, од своја страна, не планира да поднесе кривична пријава.

– Дали некој понатаму ќе одговара, не е наша надлежност. Извештајот ќе биде испратен до повеќе институции, а секоја од нив има профил што треба да работи и ќе треба да почнат да работат од денеска. Ние тука, не сме ниту ЈО, ниту ДКСК, ниту ДЗСИ. Јавното обвинителство ќе треба да ангажира вештак. Јас не можам да кажам како ќе функционира друга институција. Ние само креираме политики, а извештајот ни е патоказ што треба да направиме – рече министерот.

На новинарско прашање зошто Министерството за здравство, како институција, не поднесе кривична пријава против докторите, Александар Станков од Институтот за судска медицина, кој бил координатор на внатрешната комисија, кажа дека Обвинителството за да може да спроведе постапка, мора да направи вештачење.

– Овој извештај е материјален доказ што би се употребил во понатамошно вештачење доколку смета Обвинителството дека треба вештачење. Вештачењето е неопходно во секоја постапка, доколку смета Обвинителството дека треба. ​Ако смета Обвинителството дека треба да поведе постапка, дава наредба за вештачење, се составува тим за вештачење и врз основа на извештаите, медицинската документација, што сè претставува материјален доказ, се изготвува вештачење. Документите што излегуваат од Министерството за здравство или, пак, од Лекарската комора или од ДСЗИ, кои се еден вид стручен надзор, немаат тежина на вештачење. Тоа е само материјален доказ. ​Вештачењето понатаму му помага на Обвинителството да го потврди обвинителниот акт и да почне судењето или, пак, да го отфрли. Обвинителството може да поведе постапка и без тоа – објасни Станков.

Тој додаде дека ЈО ќе треба и да утврди дали при вршењето на неоправдани интервенции имало умисла со цел да се земат пари од ФЗО или тоа било резултат на медицинско непознавање на дел од докторите.

Случајот со неоправдани кардиолошки интервенции излезе во јавноста откако кардиологот Сашко Кедев, во август минатата година, изјави дека се прават и непотребни медицински кардиолошки интервенции со цел да се оствари профит.

Ќе се прави национална листа за кардиолошки интервенции

– Нашата цел е да заврши овој процес со нови системски правила и нови механизми за контрола, за поголема сигурност на пациентите. Започнуваме со процесот на ревидирање на протоколите за постапување со пациентите. Ќе формираме национален тим составен од деветмина членови, од кои шестмина ќе бидат од јавните здравствени установи, а тројца од приватните. Тимот ќе се состанува на редовна основа и ќе ги разгледува сложените и гранични случаи на пациенти, односно кога е потребна дополнителна стручна процена за нив. Ќе формираме и национална листа за кардиолошки операции. Целта на оваа листа е да имаме појасен увид во интервенциите, нивната оправданост, редоследот на упатувањето и установите во кои ќе се упатуваат. Итните случаи и натаму ќе бидат приоритет – најави министерот за здравство, Алиу.

Пронајдете не на следниве мрежи: