Премиерот Мицкоски никогаш не би влегувал во какви било незаконски комуникации или пак би влијаел врз некој обвинител за да постапува на одреден начин, вели првиот човек на Министерството за внатрешни работи Панче Тошковски коментирајќи го телефонскиот разговор што го имал премиерот со државниот јавен обвинител за стопирањето на постапката за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.
Претпоставувам, вели Тошковски, дека сакал да добие изворна информација за она што ја шокираше целокупната македонска јавност.
– Лично познавајќи го премиерот, сигурен сум дека никогаш не би влегол во одредени комуникации кои би биле незаконски, а камоли, пак, во насока да влијае на кој било обвинител. Никогаш тоа не би го сторил нашиот премиер така што, не верувам дека е направена каква било конкретна неправилност при која било дејност што ја презел во насока на комуникација со јавниот обвинител, изјави Тошкоски во интервју за телевизија Канал 5.
За стопирањето на постапката од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Тошковски вели дека не смее да има тивок обид на затворање на постапката и дека чудно е како минатата година кога била спроведена акцијата имало докази, а сега постапката е стопирана со образложение дека нема докази.
– По информациите што ги имам добиено од луѓе кои се дел од овој процес не сметам дека е постапено максимално професионално и во насока на утврдување на правилната фактична состојба се со цел да се разоткрие она што е правено. Ни оддалку не сметам дека е доловена фактичната состојба, рече Тошковски.
Вели овој случај се уште не е затворен.
The post Тошковски: Премиерот не би влегувал во незаконска комуникација со јавниот обвинител appeared first on Provereno.



