Просечната мартовска плата е 48.433 денари

Просечната нето-плата во март достигна 48.433 денари, објави Државниот завод за статистика. Иако растот на просечната нето-плата во март е 8,2 проценти во однос на ланскиот март, реално платите се зголемиле за 3,1 процент, пресметаа статистичарите. Ова значи дека инфлацијата изела 5,1 проценти од растот на просечната нето-плата која во март достигна 48.433 денари.

Вредноста на синдикалната кошница во април изнесувала 68.797 денари, што значи дека со една просечна плата не може нормално да се живее, но со две може едно четиричлено семејство да се „одлепи“ од категоријата на домаќинства со минимални услови за нормален живот.

Инфлацијата продолжува да биде закана за животниот стандард и за обезвреднување на платите.

ММФ оценува дека светската инфлација годинава ќе биде повисока отколку што се очекуваше претходно, а потоа повторно ќе почне да се намалува во 2027 година. Особено погодени ќе бидат земјите во развој и увозниците на енергија, наведува во априлскиот извештај „Глобалната економија во сенка на војната“. Според последните прогнози на Меѓународниот монетарен фонд, глобалната инфлација ќе достигне 4,4% во 2026 година.

И Советот на Народната банка предупреди дека „поради воените случувања и прекинот во снабдувањето со енергенти од земјите од Заливот, очекувањата за дел од увозните цени, пред сѐ за цените на нафтата, се ревидирани поизразено во нагорна насока во однос на октомвриските проекции, што претставува нагорен ризик за инфлацијата во следниот период“.

Во меѓувреме, најновите податоци покажуваат дека годишната инфлација во април веќе достигнала 5,7 процети, што е највисоко ниво од септември 2023 година. Најголем раст на цените има кај храната и безалкохолните пијалаци (8 проценти), транспортот и акцизните производи.

Пронајдете не на следниве мрежи: