Светската поп-ѕвезда Рики Мартин одржа концерт на Плоштадот на независноста во Подгорица по повод Денот на независноста на Црна Гора и одбележувањето на 20 години од обновувањето на независноста.
Концертот беше бесплатен за граѓаните а Владата на Црна Гора претходно го најави како голем музички настан и „подарок на државата за граѓаните“. Сепак, од самиот почеток, јавноста беше најмногу заинтересирана колку всушност ќе чини настапот на порториканската ѕвезда.
Колку беше платен Рики Мартин?
Официјалната сума на хонорарот не е објавена. Сепак, некои црногорски медиуми претходно пишуваа дека наводно за доаѓањето на Рики Мартин и неговиот тим биле издвоени околу 900.000 евра, поради придружната опрема и организација.
Весникот „Дан“, пак, објави дека според јавно достапните податоци, хонорарите на Рики Мартин се движат помеѓу 500.000 и еден милион евра по концерт, но исто така наведе дека не добиле официјален одговор од Владата за точната цена на настапот.
Концертот е прекинат поради инцидент
Настапот во Подгорица беше обележан и со инцидент. За време на концертот, во близина на сцената беше фрлен солзавец, што предизвика накратко прекинување на програмата, а дел од публиката избега. Според црногорските медиуми, на концертот присуствувале околу 18.000 луѓе, а полицијата го бара лицето кое го активирало солзавецот.
Рики Мартин и неговиот тим беа отстранети од сцената како мерка на претпазливост , но пејачот набрзо се врати и го продолжи концертот. Неговиот портпарол потврди дека Рики и неговиот тим се безбедни и дека пејачот одлучил да продолжи со концертот и покрај препораките за откажување на концертот. Концертот продолжи по 15 минути.
The post Колку беше платен Рики Мартин за неговиот настап во Црна Гора? Вртоглава сума за концерт кој беше прекинат поради фрлен солзавец appeared first on Во Центар.



