Ќе има ли средба меѓу министерката за финансии и СДСМ, Битиќи ја покани денеска да дојде во Собранието

Ќе има ли средба меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и економскиот тим на опозициската СДСМ?
Откако Димитриеска-Кочоска во саботата по изјавата на лидерот на СДСМ дека буџетот е во колапс, упати покана за средба до економскиот тим на СДСМ за да ги соочат аргументите, вчера пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања од СДСМ Фатмир Битиќи ја повика министерката денеска да дојде во Собранието и таму да ги соочат аргументите.
– Ако аргументите и бројките се на ваша страна, тогаш утре изнесете ги таму каде што се носат одлуките за парите на граѓаните, во Собранието. Знам дека не ви е навика често да ги браните економските политики пред пратениците. Но кога се бараат стотици милиони евра и кога буџетската недисциплина на Владата треба да се претстави како нормална политика, тогаш не се испраќа покана за кафе во Министерството за финансии. Тогаш се доаѓа во Собрание и се одговара пред оние што имаат уставна обврска да вршат контрола над вашата работа. Фејсбук е удобен, нема реплики, нема процедурални забелешки, нема непријатни бројки и аргументи, но граѓаните не ги избраа пратениците за да читаат ваши статуси на социјалните мрежи, туку за да бараат одговори во нивно име“, напиша Битиќи.
Доколку министерката ја прифати поканата, рече Битиќи, ќе ја чека и едно дополнително прашање, на кое ќе треба да даде одговор.
– Дали со вашата објава на Фејсбук веќе ја најавивте следната должничка епизода од околу 350 милиони евра за остатокот од еврообврзницата што треба да се сервисира во јуни?, праша Битиќи.
Министерката за финансии во саботата преку објава на Фејсбук ја нарече хистерична прес-конференцијата на опозицискиот лидер Венко Филипче. Го повика економскиот тим на СДСМ на средба во Министерството за финансии за да ги соочат фактите.
Ја обвини опозицијата дека изнесува погрешни толкувања и создава паника во јавноста иако, како што рече, официјалните показатели за економијата покажуваат стабилност и раст. Во подолгиот статус, Димитриеска-Кочоска направи паралела меѓу претходната и актуелната власт посочувајќи дека во јуни 2024 година државната каса била оставена во исклучително тешка состојба.
Најголем предизвик со кој треба да се справи актуелната власт, како што посочи, е истовремено да го финансира развојот, но и да ги враќа старите долгови направени од претходната власт предводена од СДСМ
– Од 2026 до 2031 година државата има обврска да сервисира околу 9 милијарди евра по основ на главнина и камати од стари долгови. Само од втората половина на 2024 година до првиот квартал од 2026 година, обезбедивме 1,2 милијарди евра исклучиво за сервисирање на еврообврзници земени од претходната власт, напиша Димитриеска-Кочоска во објавата на Фејсбук.

The post Ќе има ли средба меѓу министерката за финансии и СДСМ, Битиќи ја покани денеска да дојде во Собранието appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: