Опозицијата ја бара министерката за финансии, власта вели на пат е

По преписките преку социјалните мрежи на власта и опозицијата околу задолжувањето од 260 милиони евра денеска на пленарната седница, опозицијата ја побара министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски рече дека не го спори правото предложените закони пред пратениците да ги брани заменик-министерот, но дека за важни прашања како што се фискалната стратегија и задолжувањето треба да е присутна министерката за финансии.
– Сметам дека за вакви важни документи треба да биде присутна министерката за финансии. Лесно е на Фејсбук да пишувате статуси дека повикувате да разговараме за фискалната страгегија, за долгови, за задолжување, а да избегате од Собранието и да не бидете тука, рече Спасовски, додавајќи дека нема подобар медиум одд Собранието за да се расправа за прашања кои се од интерес за граѓаните.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ застанаа во одбрана на министерката посочувајќи дека таа е на службен пат и дека заменик-министерот ќе одговори на сите прашања.
– Најмалку сакам да бидам адвокат на министерката за финансии, но заради јавноста да кажам дека таа е на патување во Словенија кое беше планирано пред повеќе од еден месец, а законот за задолжување дојде претходната недела. Има кредибилен и стручен заменик-министер, а на дел од прашањата ќе дадеме и ние свое мислење, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Новото задолжување ги скара власта и опозицијата. Опозициските пратеници излегоа од работата на Комисијата за финансирање и буџет со образложение дека не сакаат да учествуваат во нови задолжувања на државата и најавија интерпелација и кривична пријава за претседателот на Собранието кој ја свика седницата на Комисијата, а за претседавач го назначи Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ. Потоа следеше прес-конференција на лидерот на СДСМ кој рече дека задолжувањето ќе чини дополнителни 20 милиони евра на што реагираше министерката за финансии која ја повика опозицијата на средба што беше прифатено од СДСМ.

The post Опозицијата ја бара министерката за финансии, власта вели на пат е appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: