петок, 27 ноември 2026
Најново

Над 14 илјади пријавени сторители на кривични дела во 2025, најчести деликтите против имотот и прекршоците во сообраќајот

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

  Во 2025 година е забележан пораст на бројот на пријавени полнолетни сторители на кривични дела, но истовремено и намалување на бројот на обвинети и осудени лица, покажуваат најновите статистички податоци. Во исто време, кај кривичните дела доминираат имотните деликти и прекршоците во сообраќајот, како кај полнолетните лица, така и кај малолетниците.
 

Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, вкупно 14.237 полнолетни лица се евидентирани како пријавени сторители во текот на 2025 година, додека 6.996 биле обвинети, а 6.371 осудени. Во споредба со претходната година, бројот на пријавени е зголемен за 6,5 проценти, додека обвинетите се намалени за 7,7 проценти, а осудените за 5,7 проценти.
Кај децата во судир со законот, евидентирани се 505 пријавени случаи, од кои 305 завршиле со обвинение, а 196 со осуда. Во однос на 2024 година, тоа претставува пораст од 3,9 проценти во бројот на пријавени деца, но значителен пад од 34,7 проценти кај осудените малолетници.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Структурата на криминалитетот покажува дека најголем дел од делата се однесуваат на имотни деликти и сообраќајни прекршоци. Така, кај кривичните дела против имотот се регистрирани 3.484 пријавени сторители, 1.894 обвинети и 1.746 осудени, додека кај делата против безбедноста на јавниот сообраќај бројките изнесуваат 3.216 пријавени, 1.345 обвинети и 1.315 осудени.
Значително учество имаат и кривичните дела против јавниот ред со 1.180 пријавени лица, како и делата против животот и телото со 1.150 пријавени, од кои 724 обвинети и 517 осудени. Истовремено, 1.043 лица се пријавени за кривични дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот, а 800 за дела против службената должност.
Меѓу останатите категории се издвојуваат кривичните дела против здравјето на луѓето со 746 пријавени случаи, против бракот, семејството и младината со 519, против јавните финансии и стопанството со 458, како и делата против правниот сообраќај (408) и правосудството (402).

Помал, но сепак значаен број случаи има и кај делата против општата сигурност на луѓето и имотот (274), против животната средина и природата (240), како и против половата слобода и моралот (124).
Во статистиката се евидентирани и категории со помал број случаи, меѓу кои се кривичните дела против работните односи (55), против човечноста и меѓународното право (67), како и против културното наследство (9), изборите и гласањето (6), оружените сили (6) и државата (14). Дополнително, регистрирани се и 36 случаи на кривични дела предвидени со посебни закони.
Кај децата во судир со законот, во 2025 година се регистрирани 505 пријавени случаи, 305 обвинети и 196 осудени. И тука доминираат имотните деликти со 195 пријавени деца, следени од делата против јавниот ред со 99 случаи, против животот и телото со 64, како и против безбедноста во сообраќајот со 57 случаи.

Поврзани вести