Млеко и млечни производи со помал процент на масленост од декларацијата и користење на палмина маст при производство на млечни производи откриени се при вонредни контроли спроведени од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Оттаму информираат дека од земените и анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи, кај 10 оператори утврдено е дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи, односно, дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното.
Кај еден оператор со храна, со лабораториско тестирање на мостра од одземените 22 килограми ситно сирење, утврдено е дека биле декларирани 20 проценти млечна маст, а производот содржел само 1 процент, за што му е изречена парична казна од 3 500 евра во денарска противвредност.
За измама на потрошувачите, уште на осум производители и увозници кај кои се утврдени отстапки од ваков вид изречени им се казни по 1.050 евра во денарска противвредност.
Кај друг оператор со храна, со тестирањата констатирано е дека во производството на млечен производ користел растителни (палмини) масти, за што му е изречена парична казна од 1.300 евра во денарска противвредност. Спорниот млечен производ во вкупна тежина од 500 килограми од овој оператор е повлечен од промет и уништен на депонија.
Од АХВ информираат дека земени се мостри и од сувомеснати производи и дека се чекаат резултати од нив.
The post Измами со млечни производи откри Агенцијата за храна и ветеринарство appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



