Бандата предводена од Мицкоски ќе одговара и ќе ги враќа парите, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање за целите и активностите на Фронтот за слобода и правда.
„Крајната цел ќе биде оваа криминална власт да замине, да ја ослободи државата, да се вратиме на европскиот пат, а бандата водена од Христијан Мицкоски да одговара и да враќа пари. Притоа, тоа значи дека во меѓувреме окрупнуваме“, рече Филипче.
Во одговорот тој додаде дека власта има обврска да распише референдум, потсетувајќи дека ВМРО дојде на власт со лажни ветувања, а потоа го блокираше европскиот пат на државата.
„Власта има обврска да распише референдум, затоа што нема право да го запре европскиот пат на земјата, затоа што излажаа дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција и никогаш не кажаа дека ќе го блокираат европскиот пат на земјата, затоа што излажаа дека ќе го вратат името, дека ќе го укинуваат Преспанскиот договор, договорот за добрососедство и ништо од тоа не направија. Дојдоа на власт со една голема лага, со една пропаганда која што е стимулирана, финансирана и поддржана од други земји и затоа што оваа власт одработува за други земји. Тие тоа право го немаат“, рече Филипче
Притоа, Филипче порача дека Фронтот за слобода и правда ќе работи на обединување на општествените и политичките сили со цел власта повторно да биде во рацете на граѓаните.
„Овој фронт има за цел да во очи следните избори, без разлика кога се, дали се предвремени, дали се редовни и да ја врати власта во рацете на граѓаните“, изјави Филипче.



