Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати, со која од полноќ бензините поскапуваат, а дизелот и екстралесното масло за домаќинство значително поевтинуваат.
Според одлуката, цените на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се зголемуваат за 0,50 денари по литар во однос на претходната одлука од 26 мај 2026 година.
Со тоа, новата цена на Еуросупер БС-95 изнесува 88 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 90 денари за литар.
Цената на Еуродизел (Д-Е В) и на екстралесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 6,50 денари по литар.
Новата цена на дизелот ќе изнесува 85,50 денари за литар, а на екстралесното масло за домаќинство 87,50 денари за литар.
Намалување има и кај мазутот М-1 НС, чија цена се намалува за 3,238 денари по килограм.
Согласно новата одлука, мазутот ќе се продава по цена од 47,906 денари за килограм.
Согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт изнесуваат:
- Еуросупер БС-95 – 88 денари за литар,
- Еуросупер БС-98 – 90 денари за литар,
- Еуродизел БС (Д-Е V) – 85,50 денари за литар,
- Екстралесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 87,50 денари за литар,
- Мазут М-1 НС – 47,906 денари за килограм.
Компанијата ОКТА денеска информира дека донела одлука за привремен попуст од два денари по литар за бензините од 95 и 98 октани. Попустот, според компанијата, која е најголем снабдувач во земјава со нафта и нафтени деривати, ќе стартува од утре (2 јуни) и ќе трае до 16 јуни.



