Научници во Тајван открија нов вид морски полжав (nudibranch) кој е толку мал што едвај се гледа со голо око – помал е дури и од зрно ориз, или приближно со големина на семе од сусам.
Ова мало морско животно е пронајдено во крајбрежните води покрај градот Килунг во северен Тајван и е сосема нов вид кој претходно бил непознат на науката.
Видот првпат го забележал истражувачот Хо-Јеунг Чан за време на рекреативно нуркање во 2019 година, додека сè уште бил студент. На почетокот, тој не знаел дека пронашол нешто ново сè додека не се консултирал со експерти за морски полжави преку интернет.
Дури подоцна беше потврдено дека станува збор за нов вид.
Новиот вид е наречен Thecacera sesama, каде што „sesama“ доаѓа од зборот за сусам, поради неговиот екстремно мал изглед и карактеристичните точки што личат на семки од сусам.
Ова животно е долго само околу 2-3 милиметри. Неговото тело е проѕирно, со црни и жолти точки, што го прави речиси невидливо во природата.
Истражувачите наведуваат дека проучувањето на овој вид било тешко поради лошите временски услови на брегот на Тајван, каде што тајфуните и силните монсунски ветрови се чести. Поради ова, подводните истражувања се можни само неколку месеци во годината.
Набљудувањата покажуваат дека овој вид главно се занимава со основни активности: хранење, движење, парење и положување јајца. Се храни со ситни морски организми познати како бриозои.
Интересно е што организмите на кои живее може да бидат и претходно неоткриени видови, што дополнително укажува на богатството и неистражената природа на морскиот екосистем на ова подрачје.
Научниците истакнуваат дека во водите на Тајван и поширокиот западен Пацифик би можеле да има многу повеќе слични, досега неоткриени видови, кои остануваат речиси невидливи поради нивната големина и живеалиште.
The post Научници во Тајван открија морски полжав помал од семе од сусам appeared first on Во Центар.



