Американскиот претседател Доналд Трамп го нападнал израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради ескалацијата на конфликтот во Либан од страна на Израел, изјавија за „Аксиос“ двајца американски функционери и друг извор запознаен со разговорот.
Според нивните тврдења, Трамп во телефонски разговор го нарекол Нетанјаху „луд“ и го обвинил дека е неблагодарен. Разговорот се случил откако Иран претходно во текот на денот се закани дека ќе ги прекине разговорите со САД за израелските воени активности во Либан. Според еден американски функционер, Трамп му рекол на Нетанјаху дека неговите закани за бомбардирање на либанскиот главен град дополнително ќе го изолира Израел на меѓународната сцена.
Два извора наведуваат дека за време на разговорот, Трамп го потсетил Нетанјаху дека токму тој е заслужен за тоа што израелскиот премиер не завршил во затвор, алудирајќи на неговата поддршка за време на судењето за корупција.
„Луд си. Ќе беше во затвор да не бев јас. Ти го спасувам задникот. Сите те мразат сега. Сите го мразат Израел поради ова“, рекол Трамп според еден од американските функционери.
Судирите продолжуваат и покрај американскиот план за делумен прекин на огнот
Либан вчера објави делумно примирје меѓу Хезболах и Израел, што би претставувало ограничено смирување на конфликтот во кој загинаа илјадници луѓе и се разгоре пошироката американско-израелска војна со Иран, објави „Ројтерс“.
Според амбасадата на Либан во Вашингтон, договорот нема да го заврши конфликтот во таа земја, но, го повикува Израел да се воздржи од напади врз Бејрут и неговите предградија контролирани од Хезболах, додека групата поврзана со Иран ќе ги прекине своите напади врз Израел.
Судирите сепак продолжија денеска во јужен Либан и покрај тоа што Израел и Хезболах го прифатија американскиот план за спроведување делумно примирје. Американскиот претседател рече дека разговарал со двете страни и „тие се согласиле дека секое пукање ќе престане“, откако Иран предупреди дека израелските воени акции во Либан се закана за сегашното примирје меѓу САД и Иран.
Либан соопшти дека Хезболах го прифатил планот за запирање на нападите врз Израел и за Израел да не го напаѓа либанскиот главен град Бејрут.
Нетанјаху не се откажува од нападите врз Бејрут
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го потврди договорот, но предупреди дека нападите врз Бејрут ќе продолжат „доколку Хезболах не престане да ги напаѓа нашите градови и цивили“ – додавајќи дека израелската војска сè уште ќе дејствува во јужен Либан.
Хезболах соопшти дека во текот на ноќта извршил три напади врз израелски тенкови и војници во близина на две села во северен Израел, користејќи беспилотни летала и „барон од артилериски гранати“.
Израелската војска соопшти дека пресретнала два проектили испукани од Либан. Нема пријавени повредени.
Либанската државна Национална новинска агенција објави израелски напади врз неколку јужни области и рече дека „многу насилна детонација“ го потресла градот Дебин.



