Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски, во објава на Фејсбук, предупредува дека чувството на системска неправда е една од главните причини за разочараноста, апатијата и недовербата кај граѓаните во државата и нејзините перспективи.
Според Миноски, ниту една држава не може долгорочно да обезбеди стабилност доколку во неа владее чувство дека правилата не важат еднакво за сите. Тој оценува дека институционалната и општествената неправда не се само морален проблем, туку и извор на длабоки општествени противречности и конфликти.
„Кога граѓаните гледаат дека трудот, знаењето и способностите се помалку важни од привилегиите, дека напредувањето не е резултат на работа и заслуги, туку на подобност, пристап до буџетски ресурси и различни форми на привилегиран третман, тогаш довербата во институциите почнува да исчезнува“, посочува Миноски во својот статус.
Тој додава дека на местото на довербата се појавуваат гнев, разочараност и незадоволство, а поделбите во општеството дополнително се продлабочуваат. Според него, неправдата ги обесхрабрува способните, ги демотивира чесните и испраќа порака дека успехот не зависи од труд, знаење и интегритет, туку од негативна селекција, припадност и тргување со влијание.
Миноски предупредува дека во таков систем не се избира најквалификуваниот, туку „најпогодниот“, а бизнисот сè помалку се темели на претприемништво, а сè повеќе на политички врски. Тоа, според него, создава постојан конфликт меѓу граѓаните и институциите, меѓу различни општествени групи, како и меѓу очекувањата и реалноста.
Во објавата, поранешниот министер оценува дека Македонија со децении се соочува со овој проблем. Чувството на системска неправда, според него, е еден од клучните фактори за негативните демографски трендови, иселувањето на младите, ниската доверба во институциите и економскиот раст кој не носи просперитет за најголемиот дел од граѓаните.
Миноски порачува дека правдата е предуслов за општествен мир, доверба, единство и долгорочен развој.
„Без системска правда нема силни институции. Без силни институции нема доверба кај граѓаните. А без доверба во институциите нема ниту стабилна држава, ниту просперитетно општество“, наведува Миноски.



