Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната прес конференција истакна дека економијата не се мери со владини самопофалби, туку со тоа што граѓаните реално можат да купат со својата плата.
„Економијата не се мери со самопофалби, туку со тоа што граѓаните реално можат да купат со својата плата – колку килограми овошје, колку месо, колку литри млеко, колку бензин, колку денови им се исполнети со достоинствен живот“, порача Битиќи.
Тој нагласи дека Владата го слави растот на БДП од 3,1 отсто, но премолчува дека инфлацијата од 5,7% го јаде стандардот и дека клучни економски показатели покажуваат дека граѓаните живеат сè потешко.
„Државниот завод за статистика објави раст на БДП од 3,1% во првиот квартал. Но истиот извештај покажува дека финалната потрошувачка има учество од дури 86,4% во БДП. Ова е клучен параметар на економијата кој премиерот вчера го премолчи“, рече Битиќи.
Kога цените растат побрзо од економијата, граѓаните не живеат подобро, туку плаќаат повеќе за помалку производи, додаде тој.
„Ако БДП расте 3,1%, а инфлацијата е 5,7%, тогаш цените растат побрзо од економијата. Во реалноста, граѓаните трошат повеќе пари, а дома носат помалку производи“, истакна Битиќи.
Тој посочи дека вистинската слика за состојбата не се гледа во владините прес-конференции, туку во маркетите и на пазарите.
„Да ја извадиме економијата од владиниот прес-центар и да ја сместиме таму каде што ѝ е местото – на пазар и во маркет. А таму со 1.000 денари може да се купат 2 килограми цреши по 140 денари, 1,5 килограм праски по 95 денари, 1,5 килограм кајсии по 130 денари, една табла од 30 јајца за 275 денари и само 150 грама пилешки стек. Значи, една илјадарка едвај покрива неколку килограми сезонско овошје, една табла јајца и мало парче месо“, рече Битиќи.
Битиќи предупреди и на слабите инвестиции, падот на странските директни инвестиции и намалувањето на бројот на работници во индустријата.
„Не може да се прогласува индустриски успех додека индустријата губи работници“, нагласи тој.
„Раст на БДП кој се храни од инфлација не носи развој, раст кој се потпира на долг не води кон сигурност и раст кој не ја зголемува куповната моќ на граѓаните не е успех. Вистински економски напредок има само тогаш кога граѓанинот со својата плата може да купи повеќе, да живее посигурно и да планира иднина без страв од висината на следната сметка“, истакна пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната прес конференција.
The post Битиќи: Граѓаните можат да купуваат сè помалку, инфлација од 5,7%, тоа е вистината за економијата appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



