Измените на Изборниот законик заглавија на самиот почеток. Пратеничките групи и по два дена дебата не се согласија околу предложените измени, а Комисијата за политички систем на која треба да се дебатира беше прекината на самиот почеток поради огромниот број амадмани коишто треба да се архивираат и преведат.
Опозицијата поднесе околу 13.000 амандмани. Не се согласува со одредени измени, но најспорно е електронското гласање на дијаспората на што инсистира владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Ваквиот начин на гласање, според опозицијата, отвора сериозни ризици за злоупотреби и ја нарушува довербата во изборниот процес.
– Овој модел не е ниту европски, ниту демократски, не знаеме колкав број гласачи би биле опфатени, а се отвора можност за контролирано гласање и злоупотреби, при што едно лице би можело да гласа во име на повеќе други, изјави лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Филипче: Изборниот законик отвара сериозни сомнежи за регуларноста на изборите
Предлага формирање на експертска работна група за да се уреди ова прашање.
– Ако постои и најмал сомнеж дека нешто може да го наруши изборниот процес, зошто да брзаме? Изборите не се ниту утре, ниту наесен. Тие се во 2029 година. Нека се формира експертска работна група, во која ќе учествуваат повеќе политички партии и нека се уреди ова прашање. Нека се повлече овој член од законот, нека се работи темелно, а потоа, ако се утврди дека системот е безбеден и сигурен, повторно нека се предложи како измена на Изборниот законик. Зошто дијаспората, односно нашите сограѓани во странство, да гласаат на начин за кој утре може да се отвори сомнеж дали бил законски, дали бил злоупотребен и дали изборите биле легитимни? Зошто нашите сограѓани да бидат изложени на таков ризик?, рече Филипче.
И Левица има поднесено 3.500 амандмани. Според нив, Левица е единствениот оштетен со останувањето на актуелниот Изборен законик во сила поради процентот за државно финансирање политички партии за избори.
За електронското гласање, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, вели дека моделот е заснован на францускиот, што, според него, е неприменлив за македонски услови.
ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да ги прифати сите забелешки на опозицијата, но не и за електронското гласање на дијаспората. На ова укажа и премиерот Христијан Мицкоски кој вчера изјави дека не планира да се кандидира на следните избори и дека се враќа како професор на факултет.
– Да им олеснам бидејќи гледам дека во јавноста шпекулираат со тоа дека сум предложил дијаспората да биде вклучена во гласањето, што е природно на електронски начин од следните претседателски избори 2029 година и дека ќе сум се кандидирал, па затоа тоа сум го предложил. Нема да се кандидирам. Кога ќе ми заврши мандатот како претседател на Владата се враќам на факултет меѓу студентите. Нема да се кандидирам за претседател на државата. Немам таква амбиција, ниту желба, само нека овозможат на дијаспората да го оствари своето право на електронски начин почнувајќи од следните претседателски избори, изјави Мицкоски.
Мицкоски: Нема да се кандидирам на следните избори, се враќам на факултет
Доколку политичките елити не најдат решение, на следните избори, без разлика кога и да се одржат, ќе се оди по постоечкиот Изборен законик, нешто што вчера го најави и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески.
– И покрај тоа што беа прифатени дел од забелешките на ДУИ и Левица, а неколку спорни одредби беа повлечени, не успеавме да постигнеме договор со СДСМ за електронското гласање на дијаспората. Со тоа разговорите се завршени и реално е да се очекува блокада на законот, што значи дека следните избори би можеле да се одржат според постојниот Изборен законик, изјави Мицевски.
The post Изборниот законик на тест, спорно електронското гласање на дијаспората appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



