Во Гостивар се случи масовно труење на граѓаните. Институциите и целиот здравствен систем целосно потфрлија во својата основна обврска – да го заштитат здравјето на луѓето. За овој скандал мора да има и политичка и кривична одговорност – наведува СДСМ во соопштение.
-Граѓаните имаат право да ја знаат целата вистина: што точно се случило, зошто труењето не било спречено, каде затаиле институциите и зошто илјадници луѓе биле оставени да пијат загадена вода. Загадувањето на водата започнало уште на 25 јуни. Тоа значи дека цели 22 дена гостиварчани пиеле загадена вода, а надлежните институции не презеле ништо. Зошто Центарот за јавно здравје не вршел редовни анализи на водата?Првите пациенти биле регистрирани на 13 јули, по што секој ден се пријавувале по околу 200 нови случаи. Зошто никој навреме не го истражил наглото зголемување на бројот на заболени? Првите детални препораки од Институтот за јавно здравје биле објавени дури на 18 јули – пет дена по појавата на првите пациенти, велат од опозицијата.
За СДСМ уште поскандалозно е што само три дена пред да се утврди дека гостиварчани пиеле контаминирана вода, Центарот за јавно здравје издал извештај дека водата е безбедна за пиење.
-Наместо брза реакција, итна координација и навремено информирање на јавноста, се случија хаос, молк и целосен институционален колапс. Здравствените власти не побараа навремено испитување на водата и не презедоа итни мерки за заштита на населението. Наместо нив, по допрен глас постапувало Обвинителството. Но Обвинителството тактизираше додека епидемијата се ширеше. Резултатите од анализите се криеја зад „тајноста на истрагата“, додека лекарите и граѓаните не знаеја со што се соочуваат, велат СДСМ.
Додаваат дека цената ја платија граѓаните со своето здравје.
-Денес повеќе од 3.000 граѓани на Гостивар се регистрирани со симптоми на труење, а уште многу други се лекуваат во домашни услови. СДСМ бара итно да се утврди целиот синџир на одговорност – од локалните институции до министерот за здравство. Бараме итни и неотповикливи оставки од:
• Министерот за здравство Сашо Клековски;
• Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска;
• Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов;
• Одговорните лица во надлежните центри за јавно здравје;
Мицкоски треба да прекине да ги штити. Јавното здравје е над секој функционер. Одговорност мора да има!, стои во партиското соопштение.
The post СДСМ бара оставки по масовното труење во Гостивар: 22 дена граѓаните пиеле загадена вода appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



