Утре и в петок августовски испитен рок за матура – 1 460 пријавени ќе полагаат во четири градови на осум локации

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), во августовскиот рок за државна матура се пријавени 1 328 ученици, за стручна матура 126 и шест ученици за уметничка матура

Утре и на 14 август ќе биде полагањето на екстерните испити од матурата за оние кандидати што во јуни вооппшто не ги положиле или не во целост. Утре ќе се полага тестот по изборниот екстерен испит – математика или англиски јазик. За другите странски јазици – германски, француски, италијански и руски (кои ги полагаат само гимназијалците) за август нема кандидати, исто како и за предметот историја, кој е наменет за уметничка матура.

В петок, пак, е полагањето на задолжителниот екстерен испит – мајчин јазик и литература.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), во августовскиот рок за државна матура се пријавени 1 328 ученици, за стручна матура 126 и шест ученици за уметничка матура.
Полагањето, поради значително помал број кандидати во август отколку во јуни, ќе се организира во четири градови на осум локации. Повторно ќе се реализира на Економскиот, Градежниот и Педагошкиот факултет во Скопје, како и на факултетите во Тетово, Прилеп и Штип. Од средните училишта полагање ќе има единствено во спортската сала на АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје, каде што ќе бидат тестирани ученици од повеќе училишта. ДИЦ на својата веб-страница објави список за учениците да се информираат од кое училиште каде ќе биде локацијата за полагање.
Меѓу кандидатите што оваа недела ќе полагаат матура се и 226 матуранти на кои им бил поништен испитот во јуни – дел затоа што биле фатени како препишуваат на самиот испит, а за дел е утврдено дека препишувале откако им се прегледани тестовите.
Просечната оценка од полагањето матура во јуни е 3,66 од сите три типа матура – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура, кои првпат се воведени оваа година. Просечната оценка за државната матура е 3,62, за стручната 3,91 и за уметничката 3,59.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека е задоволна од просекот, кој е на речиси исто ниво од лани, кога беше 3,69, за разлика од, како што рече, средната оценка на матурата во 2024 година која изнесуваше 3,26
За јунската испитна сесија од учебната 2025/2026 година беа пријавени 14 587 ученици – 12 184 за полагање државна матура, 2 276 ученици за државна стручна матура и 127 беа пријавени за државна уметничка матура. На полагањето не дошле 348 пријавени, односно 2,39 отсто отсуствувале од испитите.
По објавувањето на резултатите од екстерните испити во јуни, биле поднесени 805 приговори. Прифатени биле за дел од матурантите, односно 0,95 проценти од поднесените приговори. Увид во тестовите извршиле 133 ученици.

The post Утре и в петок августовски испитен рок за матура – 1 460 пријавени ќе полагаат во четири градови на осум локации appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: