Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција обвини дека во Македонија се спроведува операција за воспоставување контрола врз медиумскиот простор по модел сличен на оној во Србија.
Според него, овие случувања се продолжение на предупредувањата што партијата ги упатила пред два месеца.
„Денеска на прес-конференцијата мораме да кажеме една исклучително важна тема, односно исклучително важна операција што се одвива токму во овој момент додека ја одржуваме оваа прес-конференција. Како што најавивме, операцијата за медиумскиот мрак кој што ќе се случи во Македонија под покровителство и под директна режија на Вучиќ, веќе е во тек“, изјави Жерновски.
Тој посочи дека вчера во Србија била завршена продажбата на медиумите од „Adria News Network“ на инвестициската група „Alpac Capital“, во чиј состав влегуваат медиумите Н1, Нова, Радар, Форбс Србија и Данас. Како што истакна Жерновски, „Alpac Capital“ е поврзана со соработници на унгарскиот премиер Виктор Орбан, а претходно презеде мнозински удел и во „Euronews“, каде што дел од финансиите дошле од унгарски државен фонд и компанија поврзана со унгарската влада.
„Значи ние денеска и воопшто не зборуваме за изолирани и неповрзани бизнис зделки. Зборуваме за еден концепт, зборуваме за еден проект преку којшто треба да се воспостави тотално контрола на медиумскиот простор во нашата земја. Тој концепт е според нас, според она што го гледаме всушност доградување на режим којшто се воспоставува во нашата држава“, порача тој.
Жерновски додаде дека преку „Ало групацијата“ се планира влез и во телевизискиот простор во Македонија, при што како една од првите опции се разгледува преземање на сопствеништвото на „Наша ТВ“. Според неговите зборови, во целата операција улога ќе имаат Ивана Талеска со проектот „Euronews“ и Драган Павловиќ – Латас, за кого изјави дека е „директивен извршител на политиката на Мицкоски“.
„Некој ќе праша зошто. Зошто власта го прави ова? Многу едноставно власта го прави ова за да нема кој да прашува, да нема кој да постави прашање за криминалите, за тендерите, за немањето реформи, затоа што немаме европска перспектива или со еден збор ако сакате почитувани граѓани се воспоставува контрола за да нема кој да ја каже вистината во оваа земја и тоа е она што се случува“, заклучи Жерновски.
The post Жерновски тврди дека е во тек операција за преземање на медиумите во Македонија appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



