Два одделни инцидента се случиле за само неколку часа на подрачјето на Бит-пазар во Скопје. Во првиот бил уапсен 33-годишен скопјанец поради закани кон вработени во финансиско друштво, а во вториот маж и неговиот внук биле нападнати со тврд предмет, по што напаѓачите им го оштетиле автомобилот.
Првиот инцидент се случил вчера околу 10 часот, а полицијата во 11:15 часот го привела 33-годишниот И.Ј. (33) од Скопје.
„На 20.08.2026 во 11:15 часот на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода И.Ј.(33) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 10:00 часот во финансиско друштво на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, агресивно се однесувал и се заканувал на вработените. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок“, соопшти полицијата.
Вториот инцидент се случил околу 12:30 часот на истото подрачје. Д.Т. од кумановското село Долно Којнаре пријавил дека тој и неговиот внук Х.Т. биле нападнати од двајца по претходно недоразбирање.
„На 20.08.2026 во 13:43 часот во СВР Скопје, Д.Т.(41) од с.Долно Којнаре, кумановско, пријави дека околу 12:30 часот на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, тој и неговиот внук Х.Т., по претходно недоразбирање, биле физички нападнати од две лица кои употребиле тврд предмет и потоа му го оштетиле неговото патничко возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, известува МВР.



