Осум активни пожари низ земјава

Вкупно 31 пожар на отворен простор се регистрирани во текот на изминатото деноноќие, од кои осум се активни, а 23 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Активни пожари има во осум општини. Во Прилепско гори кај селото Бонче, каде што е зафатена ниска вегетација и нискостеблести растенија.
Пожар е активен и на подрачјето меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград, како и над селото Вражале во општина Зелениково. Зафатена е мешана шума.
Во општина Студеничани активен е пожарот кај селото Цветово, на стариот пат кон Елово, каде што гори ниска вегетација и ниска шума.
Во Македонски Брод активни се пожари на повеќе локации – кај местото Видуш, кај селото Драгов Дол и кај Локвица. Зафатени се ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Пожар е активен и во Кичевско, кај селото Тајмиште, во месноста Дарда, каде што гори високостеблеста букова шума.
Во Врапчиште активни се пожарите кај селата Ломница и Ѓурѓевиште, каде што гори мешана шума. Во Маврово и Ростуше пожарот е кај селото Церово, а во Желино, исто така кај селото Церово, гори ниска вегетација и папрат.
Од вкупно 31 регистриран пожар, 23 се целосно изгаснати. Пожари биле регистрирани во Крушево, Битола, Делчево, Штип, Струга, Вевчани, Липково, Куманово, Валандово, Сарај, Студеничани, Врапчиште, Тетово, Чучер Сандево, Карпош, Струмица, Василово, Прилеп и Гостивар.
Меѓу изгаснатите пожари има случаи на горење ниска вегетација, шума, стрништа, депонии и отпад, како и пожар во овоштарник. Во Гостиварско пожарот кај селото Теново зафатил ниска вегетација и две стари куќи.
The post Осум активни пожари низ земјава appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: