Трговските преговори меѓу САД и Канада пропаднаа, откако канадскиот премиер Марк Карни се повлече од разговорите поради, како што наведе, постојаното проширување на американските барања. Пропаѓањето на преговорите претставува нова неизвесност во трговските односи меѓу двете земји, особено откако американскиот претседател Доналд Трамп претходно тврдеше дека договорот е практично постигнат и дека остануваат само неколку дена за негово финализирање.Неуспехот на преговорите доаѓа во момент кога Вашингтон се обидува да ја искористи големината на американскиот пазар за да издејствува отстапки од трговските партнери.
Администрацијата на Трамп се потпира на проценката дека американскиот пазар, вреден околу 32 илјади милијарди долари, е доволно важен за другите држави да прифатат отворање на своите пазари, инвестиции во САД и промени во трговската политика за да избегнат американски царини. Но Канада не попушти.
Трамп во јули се закани со воведување царини од 50 отсто доколку Карни не ги повлече канадските контрамерки воведени по претходните американски царини. САД и Канада веќе имаат трговски договор, USMCA, потпишан во 2020 година. Иако Трамп тогаш го опиша како еден од најдобрите и најправедните трговски договори, годинава повторно се закани дека би можел да се повлече од него и побара значителни измени.
Канадскиот премиер Карни, според анализата на Washington Post, ја искористил ситуацијата за да испрати порака и за непредвидливоста на американската трговска политика.
„Од почетокот препознавме дека Америка се промени. Разбираме дека понекогаш нејзиниот потпис е напишан со молив“, рекол Карни.
Неуспехот со Канада би можел да биде внимателно следен и од другите земји со кои Вашингтон во изминатата година постигна нови трговски договори. Дел од нив би можеле да побараат повторно отворање или промена на своите договори доколку проценат дека можат да издејствуваат подобри услови.
Во меѓувреме, несогласувања се појавиле и во самата администрација на Трамп околу тоа колку далеку треба да оди Вашингтон со намалувањето на царините. Една од опциите била намалување на царината од 50 на 25 отсто за одредени производи од алуминиум, во замена за канадски отстапки. Сепак, договор не беше постигнат, оставајќи ја трговската конфронтација меѓу двата северноамерикански соседа повторно отворена.



