Европските министри за финансии и други функционери изразија незадоволство од учеството на Русија на состанокот на министрите за финансии на Г20. Германскиот министер за финансии изјави дека не може да има нормализација на односите со Москва додека нејзината војна против Украина продолжува, објави „Ројтерс“.
Рускиот министер за финансии Антон Силуанов присуствуваше на состанокот во Ешвил, Северна Каролина, во придружба на претставници на Руската централна банка. На маргините на состанокот, Силуанов разговараше со американскиот секретар за финансии Скот Бесент, домаќин на состанокот, објави руското Министерство за финансии. Тие разговараа за руско-американската соработка во финансиските прашања и соработката во рамките на Г20.
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбеил изјави дека Европа подготвува нов пакет санкции против Русија и дека се надева на тесна соработка со Вашингтон во врска со овие мерки.
„Заеднички пристап би бил најдобар, но понекогаш не е јасно дали може да има омекнување на ставот од другата страна. Затоа го сметам за прилично загрижувачки сигнал тоа што рускиот министер за финансии беше примен тука.Би сакал од американската страна да се испрати појасна порака дека тој не треба да биде пречекан тука како гостин“, изјави Клингбеил пред новинарите во Ешвил.
Европските министри и гувернери на централните банки, исто така, се спротивставија на учеството во вообичаената заедничка фотографија на учесниците, изјавија претставници од европските земји. На крајот, беше одлучено фотографијата да се направи без рускиот министер.
Европејците против нормализација на односите со Русија
Клингбеил рече дека европските претставници, вклучувајќи го и неговиот британски колега Џон Хили и претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард, разговарале за учеството на Русија вчера вечерта. Тие се согласија дека е добро да се задржи канал за дијалог за да може директно да се пренесе јасна порака до Москва.
„Сепак, самиот факт што рускиот министер за финансии се врати, по, колку што знам, четири состаноци на Г20 без руско учество, покажува обид за нормализација. Затоа е уште поважно да се спротивставиме на тоа“, рече тој.
Соединетите Американски Држави, кои како домаќин одлучија за списокот на гости, не ја поканија Република Јужна Африка, минатогодишниот домаќин на Г20. Шпанија, на која американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани со прекин на трговијата, исто така не беше присутна на состанокот.



