Европската енергетска криза може да добие нова димензија во последните три месеци од годината – недостиг од авионско гориво.
Според Reuters, аналитичката компанија Energy Aspects проценува дека Европа во четвртиот квартал може да има дефицит од околу 510.000 барели авионско гориво дневно.
Причината е нарушувањето на традиционалните линии за снабдување од Блискиот Исток по избувнувањето на војната со Иран.
Околу половина од традиционалниот европски увоз од регионот бил погоден.
Како резултат на тоа, европските компании се принудени да бараат гориво илјадници километри подалеку – од САД, Канада, Нигерија, а сега сè повеќе и од Јужна Кореја.
Само во септември Европа увезува околу 129.000 барели дневно авионско гориво од Јужна Кореја, најголемо количество во речиси четири години.
Проблемот е што европските резерви веќе се ниски.
Залихите во клучниот енергетски центар Амстердам–Ротердам–Антверпен паднале на најниското ниво во последните седум години.
Тоа ја прави Европа особено ранлива доколку дојде до ново нарушување на транспортот преку Ормускиот Теснец или Црвеното Море.
Авионското гориво припаѓа на истата група средни дестилати како дизелот, чија цена исто така е под силен притисок.
Затоа кризата повеќе не е ограничена само на цената на суровата нафта.
Доколку недостигот продолжи, последиците потенцијално можат да се почувствуваат преку повисоки оперативни трошоци за авиокомпаниите, поскап транспорт и дополнителен инфлациски притисок врз европската економија.



