Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули изнесуваше 48.499 денари, објави Државниот завод за статистика. Во однос на ланскиот јули, таа е зголемена за 7,1 процент во номинален износ, но инфлацијата изела 2,4 процентни поени, па реално, платата се зголемила за 4,7 проценти.

На месечно ниво, платата останала речиси иста, се зголемила за 0,2 проценти во номинален износ и за 0,1 процент во реален износ. Имено, во јуни таа била 48.381 денар.
Највисока просечна нето-плата и понатаму е во секторот Информации и комуникации и изнесувала 89.532 денари. Најнискиот просек е во угостителството и во хотелиерството – 34.693 денари. Просекот во преработувачката индустрија е 43.276 денари. Во трговијата – 45.230 денари, во градежништвото – 56.637 денари.

Државниот завод за статистика објави дека годишното зголемување на платите се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување за 10,7 проценти, Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 10,4 проценти и Дејности во врска со недвижен имот за 9,6 проценти.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Стручни, научни и технички дејности за 4,3 проценти, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 3,2 проценти и Градежништво за 2,3 проценти.

Пронајдете не на следниве мрежи: