Протестна акција, во која доброволци деноноќно ќе се менуваат во кафез пред Народното собрание на Бугарија, денеска започна организацијата „Невидливи животни“. Акцијата „Недели во кафез“ ќе трае до 6 октомври и има за цел да ги потсети пратениците на преземените пред изборите обврски за прекин на одгледувањето новородени телиња во индивидуални изолациски кафези, пренесе БГНЕС.
Во текот на две недели, близу 200 доброволци ќе се менуваат во 12-часовни смени, така што во секој момент пред парламентот ќе има човек во кафезот.
„Тука сме на овој протест затоа што во Бугарија сè уште е дозволено едно теле уште од самото раѓање да биде одвоено од мајката, довлечено и затворено во тесен индивидуален изолациски кафез, во кој практично не се движи со месеци“, изјави коосновачот и претседател на „Невидливи животни“, Стефан Димитров.
Според него, тоа е „суровост која нема место во 21 век“. Димитров посочи дека во јуни во Народното собрание била поднесена петиција со повеќе од 150.000 потписи со барање практиката да биде прекината.
„Пред изборите една петтина од Народното собрание, практично близу 50 народни претставници, ветија дека ќе ја поддржат оваа кауза кога ќе станат народни претставници. Сега сме тука за да ги потсетиме на нивното ветување“, рече Димитров.
Тој посочи дека половина од пратениците кои дале такво ветување се од владејачкото мнозинство, но во моментов нема поднесен предлог-закон.
„Затоа сме тука на овој протест, за да ги потсетиме на нивното ветување и во текот на следните најмалку две недели 200 доброволци ќе се менуваат во 12-часовни смени, непрекинато и на студ и во темнина, тука, пред Народното собрание, за да ги потсетат народните претставници дека должат одговор на ова морално прашање“, изјави претседателот на организацијата.
Од „Невидливи животни“ потсетуваат дека според национално репрезентативно истражување на „Маркет Линкс“, спроведено во март, 82% од анкетираните го поддржуваат прекинот на практиката.



