Калајџиев за новата истрага против газда Деко: Вештачки да се изигра законот е злоупотреба на правото

Професорот по право Гордан Калајџиев реагира на отворањето нова истрага против сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, непосредно пред истекот на законскиот рок за неговиот притвор во предметот за пожарот во Кочани. Калајџиев смета дека доколку новата истрага е отворена само за да се овозможи продолжување на лишувањето од слобода, тоа би претставувало злоупотреба на правото.
„Отворање вештачки нова истрага само за да се изигра законот е злоупотреба на правото! На рокот обвинителите требало да мислат кога за пожарот обвинија кого стигнаа! Судот треба да го отфрли тој предлог ако има правна држава!“, вели Калајџиев.
Неговата реакција следува откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против Јованов поради сомнение за давање поткуп и до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување нов притвор.
Според Обвинителството, Јованов е осомничен дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да му биде обезбедена лиценца за вршење угостителска дејност, без да поднесе барање и иако знаел дека објектот не ги исполнува законски пропишаните услови.
Од ОЈО ГОКК велат дека предлогот за притвор е поднесен поради опасност од бегство, но и поради тоа што против Јованов веќе се води друга кривична постапка за тешки дела против општата сигурност.
„Осомничениот досега беше обезбеден како обвинет во друга постапка. Но, со оглед на тоа што во однос на тоа дело истекуваат законските рокови за обезбедување, а јавниот обвинител од ОЈО ГОКК продолжува да прибира докази во однос на дејствијата на поткуп, тој процени дека ризиците за обезбедување на осомничениот се големи и побара да му биде определена притворска мерка“, соопшти Обвинителството.
Токму ова образложение го отвори прашањето дали новата постапка и барањето за нов притвор ќе овозможат Јованов да остане во притвор и по истекот на максималниот рок во предметот за пожарот.
На Јованов на 3 октомври му истекува едногодишниот притвор во предметот за пожарот во „Пулс“. Неговата одбрана претходно најави дека ќе понуди гаранција во имот и ќе бара мерки на претпазливост за да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на судската постапка.
Од Обвинителството, пак, оценуваат дека притворот е неопходен.
„Јавното обвинителство оценува дека притворот е апсолутно неопходна мерка за обезбедување на присуството на овој осомничен, ценејќи ги сите околности и основи“, наведоа оттаму.
Обвинителството соопшти и дека службеното лице кое, според сомнението, го примило поткупот веќе е обвинето и против него се води судска постапка за примање поткуп.
За предлогот на ОЈО ГОКК за определување притвор треба да одлучи Основниот кривичен суд Скопје.
Јованов е меѓу обвинетите во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Судскиот процес за пожарот е во тек.
The post Калајџиев за новата истрага против газда Деко: Вештачки да се изигра законот е злоупотреба на правото appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: