Нова студија укажува на врска помеѓу јадењето ултра-преработена храна и малото, таканаречено тивко оштетување на мозокот.
Иако сè повеќе се зборува за штетноста на ваквите намирници, тие сè уште сочинуваат значаен дел од исхраната во развиените земји. Станува збор за индустриски производи кои содржат додадени хемиски адитиви, бои и конзерванси, како што се хот-догови, спакуван леб или енергетски пијалоци.
Истражувањето, чии резултати открија врска помеѓу внесувањето ултра-преработена храна и промените во мозокот кај здрави возрасни лица, дополнително ја зголемува загриженоста на експертите, пишува Unilad.
Податоци од истражувањето
Во истражувањето учествувале речиси 9.000 луѓе од Канада, на возраст од 35 до 69 години, кои претходно немале срцеви заболувања. Учесниците пополниле прашалници за нивните навики во исхраната, по што им било направено магнетна резонанца (МРИ) на мозокот.
Пропорцијата на ултра-преработена храна во нивната исхрана значително варираше. Кај некои, таа сочинуваше 16 проценти од вкупниот внес на храна, додека кај други, тој удел достигна дури 45 проценти.
Корелација со промените во мозокот
Анализата на сликите покажа дека малите оштетувања на крвните садови во мозокот биле почести кај учесниците кои консумирале најмногу ултра-преработена храна. Иако ваквите промени не предизвикуваат видливи симптоми, тие се сметаат за рани индикатори кои можат да претходат на мозочен удар или проблеми со меморијата подоцна во животот.
Студијата покажа дека луѓето со најголем внес на ултра-преработена храна имале 40 проценти поголема веројатност да ги имаат овие оштетувања во споредба со оние кои консумирале најмалку.
Истражувачите, исто така, забележале поврзаност помеѓу поголемиот внес на ултра-преработена храна и поголемите количини на телесни масти, особено длабоките абдоминални масти. Таквата состојба е поврзана со воспалителни процеси и оштетување на крвните садови, што исто така може да влијае на здравјето на мозокот.
Потребни се понатамошни истражувања
Авторите на студијата истакнуваат дека нивните наоди укажуваат на поврзаност, но не докажуваат дека ултра-преработената храна директно предизвикува промени во мозокот. Бидејќи учесниците биле испитани само еднаш, не било можно да се следи развојот на нивната состојба со текот на времето.
Расел Џ. де Соуза, водечки автор на студијата и вонреден професор на Универзитетот Мекмастер, рече дека е изненаден од резултатите.
„Искрено, не го очекував овој исход. Проучувавме Канаѓани на средна возраст кои немаа проблеми со срцето или други здравствени проблеми“, рече де Соуза.
„Овие видови оштетувања обично се поврзани со состојби за кои слушаме и ги третираме кај многу постари луѓе“, додаде тој.
Професорот де Соуза нагласи дека се потребни долгорочни студии, со повторени МРИ скенирања, за да се утврди дали намалувањето на внесот на ултра-преработена храна може да ги забави или спречи овие промени.
„Таквиот мониторинг веќе е во тек“, заклучи тој.
The post Омилената храна може да го оштети мозокот: Студијата открива загрижувачка врска appeared first on Во Центар.



