Меѓународна размена на научни сознанија, стручни искуства и современи практики за заштита и одржливо управување со шумските екосистеми.
Стручна делегација од Република Австрија, составена од претставници на институции и организации од областа на шумарството, климатските промени и заштитата на животната средина, го посети Националниот парк „Маврово“, каде што оствари институционална средба со директорот Харис Ибраими.
Австриската делегација беше предводена од Кристијан Бравенц, аташе при Сојузното министерство за земјоделство, шумарство, климатска и еколошка заштита. Во нејзиниот состав беа и претставници на Федералниот истражувачки и тренинг-центар за шуми, компанијата LIECO GmbH, Комората за земјоделство и шумарство на Штаерска, како и Универзитетот за природни ресурси и применети науки.
На средбата, директорот Ибраими изрази задоволство од интересот на австриската стручна јавност за природните богатства и вредности на Националниот парк „Маврово“. Тој ја истакна важноста на меѓународната размена на знаења и искуства како значаен предуслов за унапредување на институционалните капацитети и примената на современи практики во управувањето со природните ресурси.
Беше нагласена и потребата ваквите средби да прераснат во конкретни партнерства и долгорочна меѓународна соработка.
КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ И ИДНИНАТА НА ШУМСКИТЕ ЕКОСИСТЕМИ
Во рамките на посетата беше реализирана и теренска обиколка на повеќе локации во Националниот парк, при што австриските гости, во придружба на стручните служби, непосредно се запознаа со состојбата на шумските екосистеми.
Професорот од Шумарскиот факултет, Јане Ацевски, презентираше стручни анализи и научни сознанија за актуелната состојба, развојот и динамиката на шумските заедници.
Посебен акцент беше ставен на влијанието на климатските промени врз шумите, нивната отпорност и способноста за приспособување кон новите климатски услови. Се разговараше и за промените што веќе се забележуваат во шумските екосистеми, идните предизвици и потребата од континуирано научно следење и примена на современи методологии за нивна заштита.
ОТВОРЕНА ВРАТА ЗА ИДНИ ПАРТНЕРСТВА
Австриските претставници изразија задоволство од посетата и можноста непосредно да се запознаат со природните вредности и состојбите на терен во Националниот парк „Маврово“. Тие ја истакнаа подготвеноста за продолжување на комуникацијата, повторни посети и разгледување конкретни можности за идна соработка.
Посетата отвора можности за воспоставување стручни и научни партнерства, размена на искуства и примена на европски практики во областа на одржливото шумарство и заштитата на природата.
Од Националниот парк „Маврово“ посочуваат дека и понатаму ќе работат на развивање меѓународни партнерства, јакнење на стручните капацитети и унапредување на пристапите за зачувување на природното наследство.


