сабота, 14 ноември 2026
Најново

Големо признание за Тамара Котевска – гран при за „Приказната на Силјан“ во Лондон

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Македонската режисерка Тамара Котевска освои уште едно големо меѓународно признание.

Нејзиниот документарен филм „Приказната за Силјан“ освои Гран при за најдобар кино-документарец на годинашното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Наградите „Гриерсон“, познати и како британски документарни награди, се меѓу најзначајните признанија за документарен филм во Велика Британија. Оваа година се одржа нивното 54. издание, а свечената церемонија беше организирана на 10 ноември во Лондон.

„Приказната за Силјан“ ја освои наградата во категоријата за најдобар кино-документарец, во која се препознаваат филмови создадени за големото платно. Жирито ја истакна визуелната убавина и оригиналноста на филмот, како и начинот на кој ја раскажува врската меѓу човекот и природата.

Филмот е инспириран од македонската народна приказна за Силјан, момчето кое по расправија со татко му се претвора во штрк. Котевска ја поврзува легендата со современата приказна за земјоделецот Никола Цонев, кој на својата фарма пронаоѓа повреден бел штрк и се грижи за него. Преку нивното необично пријателство, филмот ги прикажува животот на македонското село, економските предизвици и односот меѓу човекот и природата.

Ова е уште едно значајно признание за Котевска и филмот, по двете награди на Меѓународната документарна асоцијација (IDA), за најдобар долгометражен документарец и за кинематографија, како и двете признанија на наградите Wildscreen Panda Awards, познати како „Зелени Оскари“, за режија и продукција.

„Приказната за Силјан“ е во продукција на Ciconia Film, Concordia Studio и The Corner Shop, а меѓународната дистрибуција ја презеде National Geographic Documentary Films.

Тамара Котевска претходно постигна светски успех со документарниот филм „Медена земја“, кој доби две номинации за наградата Оскар во 2020 година – за најдобар документарен филм и најдобар меѓународен филм.

Новото признание од Лондон е уште една потврда за меѓународниот успех на македонската документаристика и за континуираното присуство на домашните автори на големите светски филмски сцени.

Поврзани вести