Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Саудиска Арабија „се распаѓа“ и дека таа и другите земји од Персискиот Залив го замолија да не го напаѓа Иран повторно бидејќи се премногу ранливи на обновено разгорување на војната.
Трамп го изјави ова во интервју со американскиот водител Стивен А. Смит објавено во петокот, а неговите зборови беа пренесени од „Middle East Eye“. Изјавата би можела да го навреди Ријад, еден од најблиските сојузници на САД, кој беше цел на ракетни и беспилотни напади од страна на јеменските Хути во последните месеци.
Трамп се пофали дека може да го уништи Иран за три дена со напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако сакам да ги соборам, за еден ден ќе ја погодам нивната енергија. Нивната енергија ќе исчезне. За еден ден нивните мостови ќе исчезнат, а за еден ден нивниот производствен капацитет ќе исчезне. Би ми требало само три дена, по еден ден за секој“, рече Трамп.
Тој тврди дека земјите од Заливот го одвраќаат од тоа поради сопствените слабости.
„Саудиска Арабија ме замоли да оставам сè како што е за некое време, бидејќи тие се распаѓаат. Катар, Кувајт, ОАЕ, Бахреин, сите би сакале да почекаат“, изјави тој.
Хутите напаѓаат Саудиска Арабија
Саудиска Арабија го избегна најлошиот дел од американско-израелската војна против Иран, која ги изложи помалите земји од Персискиот Залив на ирански ракети и беспилотни летала. Но, откако прекинот на огнот меѓу јеменската влада поддржана од Ријад и Хутите, кои се сојузници на Иран, пропадна во текот на летото, Хутите почнаа да напаѓаат саудиски аеродроми, енергетски постројки и градови.
Според „Мидл Ист Ај“, нападите го принудиле кралството да откаже важни конференции за промоција на економија која не се базира на нафта и го отежнале извозот на енергија.
Трамп, исто така, истакна дека земјите од Заливот инвестираат „трилиони долари“ во Соединетите Држави.
„Тие се огромни инвеститори во нашата земја. Луѓето што сме тука да ги заштитиме би претпочитале да го направам тоа на начинот на кој го правам сега“, рече тој.
Американскиот Стејт департмент во септември одобри продажба на до 48 авиони Ф-35 на Саудиска Арабија, во договор што би можел да вреди 24 милијарди долари.
Рубио: Нема потреба од големи борбени операции
Администрацијата на Трамп тврди дека не планира да води целосна војна против Иран, туку сака да ја задуши неговата економија со блокирање на Ормутскиот теснец.
Државниот секретар Марко Рубио оваа недела ги отфрли сугестиите дека земјите од Заливот страдаат поради војната. Тој рече дека економскиот притисок врз Иран е толку разорен што претседателот заклучил дека нема потреба од големи борбени операции.
Ова не е прв пат Трамп да се фали со влијанието што го има врз земјите од Персискиот Залив и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Во март, додека војната против Иран беше во полн ек, тој вулгарно изјави дека престолонаследникот не очекувал да мора да му се додворува, но сега мора да биде фин со него.






