Игор Дурловски им прости на сите. Отворено писмо година дена подоцна!

Помина точно една година и еден ден од утрото на 28ми ноември кога дванаесет припадници на МВР, специјалци во полна опрема влегоа во мојот дом, утрото во пет часот. Моите три деца и денес се навраќаат на таа сцена, кога уште несвесни дали се работи за јаве или сон, разбудени од крици, движења и звуци кои не се вообичаени за нормален детски свет, сликата која прва ја гледаат – нивниот татко го носат од дома непознати луѓе во униформи, како на филм, како на лоша претстава, со тоа што овојпат е вистинско, ладно, мрачно, гадно, нема пауза помеѓу чинови, само една длабока траума со која без никаква нивна вина се соочени од најмали.
Моите деца тој ден не отидоа на школо.
Мене ме одведоа во Шутка.
Истиот ден го прочитав обвинението. Терористичко загрозување на уставниот поредок. Уставниот поредок на Република Македонија…Македонија…единствената вистина за која сум се борел покрај семејството и блиските, Македонија. Македонија, последната светла точка во секој разговор со моите татко и мајка, раскажувајќи за маките со кои биле соочени во минатото, бегалци, борејќи се секојдневно со предизвиците на сиромаштијата, единствено најблиските, семејството, и Македонија беа Вистината, смислата. Сепак, дојде време да се соочам и со …според мене одекот, ехото на… секој еднаш во животот ќе мора да се соочи со судбината.
Покрај фактот дека поголемиот дел од мојот живот може да го поминам во затвор, се соочив и со обвинувањето дека единственото нешто за кое искрено сум се борел – сум го загрозил, и тоа терористички. А обвинението? Сакам да пишувам за тој ден, 27 април, за Вистината, соочена наспроти напишаното со заслепувачка омраза.
Запишано е дека сум држел потпалувачки говори за да повикам народ. А фактите за кои и обвинителството е запознаено се следниве:
После пеењето на химната, пред Владата на Република Македонија, заминувам со мојот тогаш 9 годишен син на ракометен натпревар.
Се наоѓам пред “Јане Сандански” кога дознавам дека народот кој беше пред нас 82 дена, веќе е влезен во Собранието, го одвезувам син ми и се упатувам натаму. После половина час од влегувањето, се појавувам во Собранието, каде неколку илјади се веќе присутни, ме пречекуваат, …се упатувам накај пленарната сала, застанувам до моите колеги со кои протестиравме изминатите денови…Горди луѓе кои пејат родољубиви песни.
Обвинителството не поседува ниедна снимка, ниеден цитат нити доказ од било каков потпалувачки говор, моето присуство таму е чин на лојалност и поддршка на неколкуте илјади искрени поддржувачи на мирната борба за зачувување на Република Македонија. Информациите за настанот на друго место во зградата на собранието ги добивам пред моето излегување од зградата, и навраќајќи се од оваа перспектива на тие моменти, сигурен во своите проценки и постапки, тврдам дека моето присуство таму е со чиста мотивација и искрена желба да се заштити а не да се загрози, да се заштити а не да се нападне, да се биде со своите, заради чест, заради љубов, заради верба во луѓето.
Од оваа перспектива, после година дена преиспитување, борба со чувствата и практичните проблеми, меѓународната кариера која е стопирана, секојдневна состојба на неизвесност, адвокати, обвинители, судии… семејството… притворот како една посебна драма во мојот живот и во животите на моите деца и мојата сопруга, траумите кои им ги нанесов на моите најблиски, преиспитувањето на се што било и се што треба да дојде, сето тоа мене лично ми беше една животна лекција, едно искушение, една борба, најголема, после која сум уште поубеден, посилен, со почиста мисла. Но тоа е лично, тоа ќе си го носам јас и ќе си го носат моите најблиски како товар до крајот на животот. 
Тоа што деновиве е актуелно, е таканареченото помирување, помилување, простување… Христијански е да се прости. Простувањето е највисокиот чин на моралните. Во случајов прашањето кое си го поставувам е кому треба да простам и кој мене треба да ми прости?
Треба ли да им простат на стотиците луѓе кои искрено ми пристапуваат, ме прегрнуваат, се фотографираат со мене на улица, ми даваат поддршка да истраам во овие премрежија…или треба да им простам на тие кои со злокобна радост и лиги ги читаат гнасните обвиненија за мене и други, жедни за крв и одмазда, омраза кон замислен душман, потсвесно конструиран лик кој треба да ја надокнади нивната немоќ да се соочат со реалноста? Милост не барам, само ПРАВДА!
Да, подготвен сум да му простам на еден бивш министер, кој ја саботираше свесно претставата “Турандот” набргу после моето излегување од Шутка…Простете им на моите поддржувачи кои покажаа доблест и храброст таа вечер да го извикаат моето име од публиката иако во тој период беше екстремно ризично да се биде покрај мене таму…
Подготвен сум да им простам на раководството во мојата матична куќа МОБ, мојот втор дом, кои се правдаа зошто ме ангажирале да го правам тоа што знам – да пејам.
Нека му биде простено и на бившиот синдикалец, сегашен директор на македонската филхармонија, кој трудејќи се да ви се допадне сакаше да го откаже настапот на мојата сопруга…Подготвен сум да и простам и на бившата револуционерка, претседателот на УО, која денеска напаѓајќи го истиот директор, го споменува нашето име, ако и помага?
Им простувам на сите оние луѓе на кои сум им помагал во животот искрено, кои во тие моменти беа на сигурна дистанца од мене…дали тоа ќе им помогне денес?
Простувам и на сите мои блиски пријатели, кои се плашеа да стават лајк на постовите за моја поддршка, простувам и на дел од моите роднини, луѓето од кои очекуваш да бидат блиску кога е најтешко…Простувам на македонските колеги кои за разлика од странските ја преспаа неправдата врз мене и моето семејство. Простувам и на поголем дел од новинарите, кои свесно објавуваа и пишуваа, гласно извикуваа работи за кои знаат и самите дека се невистини…
Ви простувам на сите за тоа што моите деца спиеја на моето место додека јас ја делев ќелијата во Шутка, ви простувам на сите за стресот кој и денеска децата го имаат кога ќе го напуштам домот и ме прашуваат дали го понесов мојот мобилен телефон. Ви простувам и за нивната мака и нивната траума, се надевам дека еден ден и тие ќе пораснат, ќе разберат, сфатат дека човечки е да се простува… Ви простувам, ја разбирам вашата слабост и уште ќе бидам тука за вас, на сцената и во публиката…
Тоа што сакам да остане запомнето од овој мрачен период е храброста, љубовта и искрената верба на оние кои останаа до мене во најтешките моменти, бидејќи уште еднаш ми докажаа дека борбата за доброто на сите има смисла и истата е вредна за секој искажан збор, гест и постапка. Ми ја сочуваа надежта дека човекот се гради со секое искушение во подобар, поголем…
А за разнебитувањето… Молете се идните генерации да ви простат. 
Сакам да ви се заблагодарам на сите што бевте со мене со вашиот збор, присутност во моја близина, допаѓање или коментар на мојот профил, на оние кои ги познавам лично и не сум имал чест да ги запознаам, на сите оние кои сте биле или не сте биле во можност на било каков начин да се вклучите во оваа борба.
Живеејќи го ова лудило, успеав да ја сочувам честа и достоинството, имајќи покрај мене една посебна, голема жена, жена – лавица, жена – мајка, жена херој…на која јавно и се заблагодарувам што беше силна покрај мене, мојата сопруга Ана.
Простете ми но јас ќе завршам со една фраза која ја употребував на секој протест.
Да живее Македонија!
Ваш Игор.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.