Фотографии од Државниот архив: Псевдонимите на ВМРО!

„Псевдоними на ВМРО“ – така Христо Узунов, синот на долгогодишниот деец на македонското револуционерно движење Ангел Узунов, условно ја означил картотеката на собрани составената од него и на дешифрирани од неговиот татко и од него самиот псевдоними на географски имиња и на личности што биле употребувани во различно време од страна на Македонската револуционерна организацијаПрвично за Ангел Узунов, како за деец на ВМРО, користењето псевдоними претставувало неопходен технички елемент во неговата работа.

Потоа (од 1948 година), кога Ангел Узунов почнал да ги обработува архивите на неговиот татко Димитар Х. Узунов, на неговиот дедо Георги С. Чакаров, на неговиот брат Христо Узунов, на Охридскиот околиски револуционерен комитет и својата лична архива, „како на пунктов началник на ВМРО во Ќустендил и како на народен претставник на XIV редовно народно собрание на Македонската парламентарна група – 1924–1928 година“, тогаш се појавила неопходност од систематска работа за пронаоѓање, собирање и дешифрирање на псевдонимите употребувани во различно време од страна на Македонската револуционерна организација.

 

На Ангел Узунов му помагал неговиот син Христо Узунов, кој ја продолжил работата, според зачуваните белешки, и по смртта на својот татко.
За да се олесни користењето на собраните податоци, Христо Узунов ги систематизирал псевдонимите (псевдоним – име, име – псевдоним) по азбучен ред и ја направил картотеката „Псевдоними на ВМРО“.
Иако постојат доволно голем број публикации за псевдонимите употребувани од Македонската револуционерна организација, од кои најопфатна е книгата на Борис Николов, „ВМРО. Псевдоними и шифри“, сепак истражувањето на Ангел и на Христо Узунови не ја загуби ниту својата актуелност ниту својата важност.

Собраните податоци од Ангел и од Христо Узунови дозволуваат да се преиспита правилноста на дешифрирањето на некои псевдоними.
Таков е случајот со псевдонимот Гилјани, користен од страна на Гоце Делчев. Македонскиот историчар Љубен Лапе го дешифрирал како Виница. Бугарскиот историчар Дино Ќосев во предговорот кон зборникот „Гоце Делчев. Писма и други материјали“ го изразил своето несогласување со Љубен Лапе, бидејќи Дино Ќосев сметал дека се работи за Кочани. Според информациите собрани од страна на Ангел и Христо Узунови, Гилјани е псевдоним на Виница, како што тврдел Љубен Лапе.

Освен тоа, картотеката „Псевдоними на ВМРО“ содржи и дешифрирани псевдоними што досега уште не беа разоткриени.
Разбирајќи ја важноста на дешифрирањето на псевдонимите за истражувачите на македонското револуционерно движење, Државниот архив на Република Македонија реши да ги објави собраните и декодираните псевдоними од Ангел и Христо Узунови.

Картотеката „Псевдоними на ВМРО“ се публикува целосно, дури и со недешифрирани псевдоними, и со направениот редослед од страна на Христо Узунов.
Псевдонимите се објавуваат на јазикот на оригиналот, т.е. на бугарски јазик (од левата страна), и во транскрибираната форма – на македонски јазик (од десната страна).
„Псевдоними на ВМРО“ е втора книга, по „Спомени“ на Ангел Узунов, од серијата „Архивата на Ангел Узунов“.

 
Картотеката на Узунови има посебно значење
Уште од самото појавување, Македонската револуционерна организација се наоѓаше во илегала. Заради карактерот на дејноста, револуционерите во меѓусебната преписка често користеле или шифри, или псевдоними. За целосна реконструкција на дејноста на МРО било неопходно дешифрирање на документи и на писма, а, исто така, и разоткривање на псевдонимите.
Документите на Охридскиот револуционерен округ и писмата на Христо Узунов ги дешифрира неговиот брат Ангел Узунов. Ангел Узунов и неговиот син за олеснување на работата со документите на МРО ја составиле својата картотека на псевдоними на лични имиња и на населени места. Псевдонимите од времето меѓу двете светски војни ги знаел Ангел Узунов, од својата дејност во својство на пунктов началник на ВМРО во Ќустендил.
Картотеката на псевдоними на Ангел Узунов и на неговиот син е од посебно значење за секој што работи со документи на Македонската револуционерна организација и за секој што се интересира за историја на македонската револуционерна борба. Затоа Државниот архив на Република Македонија реши да ја публикува таа картотека.
 Првично за Ангел Узунов, како за деец на ВМРО, користењето псевдоними претставувало неопходен технички елемент во неговата работа.

Пронајдете не на следниве мрежи: