Хрватското здружение на композитори е разочарано од начинот на избор за песната со која Хрватска ќе се претстави на 61. издание на Евросонг. Тие сметаат дека не смее да се дозволи песната да биде дело на странски автори.„Непријатно нѐ изненади и разочара информацијата за преседанот кој го направи Хрватската радио телевизија. После 60 години, Хрватска на Евровизија нема да се натпреварува со хрватска песна, туку со песна од странски автори“ -истакнуваат од Друштвото на хрватски автори.
На ваквиот став одговори и пејачката на спорната песна „Lighthouse“, Нина Краљиќ.
„Она што е неверојатно е тоа што песната ја плаќам јас, па аргументот апсолутно паѓа во вода! Од таа заработка јас немам ништо! Што се однесува до мене важна ми е Хрватска. И да, немате право да го оптеретувате изведувачот со внатрешна политика. Каква врска има патриотизмот со ова? Сѐ што правиме, го правиме за подобар пласман и ја избираме најдобрата песна, не ја бираме музиката по националности, тоа е апсолутна срамота. Го убивате она што е музиката: универзален јазик и заедништво.
Сами признавте дека хрватските композитори често праќаат песна надвор од хрватските граници. Зошто е проблем ако е обратно? Само ние имаме проблем со успехот и секогаш сме најголеми критичари. Да напишеме колку хрватски песни добивме на понуда оваа година, но ми е срам. Се срамам да зборувам за патриотизам на ваков начин. Јас, која од самиот старт зборував дека сакам да се занимавам со домашно етно. Срам ми е по милион прегледи воопшто да го пишувам ова. Страшно ме заморува константната негативност, критики и егоизам, наместо на сите целта да нѝ биде една. И ве молам, не зборувајте дека не сакате да нанесете штета, кога веќе ја нанесувате, наместо да се посветите на вистинска работа, а не на приказни“ – порачала Нина на Фејсбук.



