Игор Џамбазов: Шокиран сум-не се сеќавам некој некому на ваков начин да му посака смрт

Актерот Игор Џамбазов е шокиран и затекнат од последната колумна на сопственикот на порталот Мактел, Саше Ивановски, во која тој анализирајќи го неговиот живот, му посака смрт од цироза. Во текстот кој изобилува со навредлив и осудувачки дискурс, Ивановски се обидува да го анализира животниот пат на Џамбазов и го обвинува дека е лош пример поради кој младите во Македонија се одлучуваат на пороци.
 
Колумната ги запали социјалните мрежи и предизвика негативни реакции во јавноста, како и кај колегите актери на Џамбазов.
 
 – Уште сум шокиран и сите сме затекнати од тоа што го напишал Саше Политико. Јас не користам Фејсбук, па не сум во ситуација да следам што се случува, но дознав за ова од пријатели. Сите се шокирани. Уште не ми е јасно што го мотивирало тој текст. Секој би бил погоден. Јас не се сеќавам некој некому на ваков начин да му посака смрт. Но, сега имам важна работа со концертот што го подготвувам, атмосферата е еуфорична, во моето окружување е динамично, подготвуваме тричасовно шоу. Многу ми е мака што Саше не разбрал ништо од она што сум го сработил во животот – вели Џамбазов за Плусинфо.
 

 

Текстот на Ивановски не е мотивиран од лични недоразбирања ниту несогласувања, бидејќи, како што тврди Џамбазов, со сопственикот на Мактел се сретнале само еднаш, на поминување, при што одбил да му гостува во поранешната емисија „Политико“.
 
Колешката на Џамбазов, актерката Весна Петрушевска, со револтирана реакција се огласи на Фејсбук, обраќајќи му се на Ивановски:
 
„Кој е твојот легитимитет? Што си сторил ти во твојот живот? Јас и покрај одредени недоразбирања со Игор, го почитувам бескрајно. Тој уште за мене е најдобриот шоумен во Македонија, одличен глумец, исклучително благодарен партнер на сцена, бескрајно емотивен и одличен музичар. Ти, можеш што сакаш да чкрабаш и со тоа да привлекуваш читатели на твојот сајт, но кажи ми, која е цената? Посакување на нечија смрт, омаловажување на еден човек? Згора на сè, ти си тој што ја срами новинарската фела, ти дечко израсна со сила, со боксови, со примитивност, со беда“, напиша Петрушевска во дел од својата реакција.
 
 
Не изостанаа ниту граѓанските реакции на Фејсбук, на корисниците на социјалните мрежи кои во текстот на Ивановски препознаваат злонамерност.
 

 
„ Оцрнувај ги другите, никогаш нема да си друг. Посакувај ја туѓата дарба и прилика, никогаш нема да си ти. Бидејќи ти си злобен. Фрустрации има секој, ама само мудриот умее да проникне во нивната срж и да поработи на себе за утре да биде подобар од денес. Ти одиш по погрешниот пат: да ги натераш сите луѓе на светот да се корегираат и да тргнат по единствениот правилен пат, оној по кој одиш ти“, напиша Богдан Илиевски, кого на социјалните мрежи го препознаваат под прекарот Бетмен Велит.
 
Тој во знак на револт одлучил да го бојкотира медиумот на Ивановски.
 
„Никогаш повеќе во живот нема да отворам Мактел.мк, никогаш повеќе во живот нема да те сфатам ни полу-сериозно, никогаш повеќе во живот нема да потрошам половина секунда за да помислам дали можеби имаш некоја суштински оправдана поента искажана на лош начин. Нема“, додава Илиевски.
 
Под притисок на јавноста, Ивановски утринава се извини за делот од колумната во кој му посака смрт на Џамбазов, но во исто време ги повтори обвинувачките и осудувачките квалификации кон актерот.
 

 
„На крај сакам да објаснам нешто за кое добив многу критики. Јас не сум злобен човек. Можеби употребив лош начин да објаснам што мислам. Посакувањето некој да умре е пречекорувањето на границата и за тоа жалам и се извинувам. Можеби требаше да кажам дека не му посакувам ништо лошо но доколку Игор сепак заврши трагично тоа ќе биде поука за сите за опасностите од такво начин на живот. Јас навистина не посакувам никому ништо лошо. Секој ќе жнее што си посеал и одгледувал цел живот“, напиша Ивановски.
 
Советот на честа како тело при Здружението на новинари нема став за колумната, бидејќи реагира по претставки. Сепак, не е исклучена можноста оттаму да реагираат и на сопствена иницијатива, во наредните денови и да донесат вредносен суд за текстот.
 
– Текстот е крајно некоректен кон Џамбазов, навлегува во приватноста на начин кој е мошне нецивилизиран – смета новинарот Илија Стефановски, член на Советот на честа.
Извор: plusinfo.mkВо текстот кој изобилува со навредлив и осудувачки дискурс, Ивановски се обидува да го анализира животниот пат на Џамбазов и го обвинува дека е лош

Пронајдете не на следниве мрежи: