Mицкоски директно до Брисел: Не бараме полесен пат – бараме пат уреден со правила

Македонија нема да се откаже од членството во Европската Унија, но очекува европскиот интегративен процес да остане заснован на заслуги, јасни правила и мерливи критериуми, порача премиерот во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН.

Во делот посветен на Европа, тој недвосмислено ја потврди стратешката определба на земјата.

„Нема да се откажеме од европската идеја затоа што европскиот пат беше тежок. Европската Унија за нас останува нашиот природен политички, економски и институционален дом.“

Истовремено, премиерот нагласи дека проблемите во процесот на евроинтеграција не смеат да бидат оправдување за нерешавање на домашните проблеми.

Македонија, рече тој, мора да го зајакне владеењето на правото, да изгради поефикасни институции и поконкурентна економија и да ја зголеми довербата на граѓаните во сопствената држава.

„Тоа е наша одговорност и нема да ја префрлиме на Брисел.“

Но веднаш по ова следуваше јасна порака и до Европската Унија.

„Истовремено, очекуваме европската интеграција да остане процес заснован на заслуги и мерливи критериуми — а не процес во кој билатералните прашања постојано можат да ја поместуваат целта.“

Премиерот нагласи дека Македонија не бара привилегии или намалување на критериумите за членство.

„Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди.“

Според него, ова прашање не е важно само за Македонија, туку и за кредибилитетот на самата Европска Унија.

Геополитичката тежина на Европа, порача премиерот, во иднина сè повеќе ќе зависи од нејзината способност сопствените ветувања и политички заложби да ги претвора во конкретни резултати.

„Ова е еднакво важно и за кредибилитетот на Европа, во време кога нејзината геополитичка тежина сѐ повеќе ќе зависи од способноста своите заложби да ги претвори во конкретни политички резултати.“

Европа, според него, истовремено мора да покаже решеност да ги брани вредностите за кои се залага и да остане истрајна во нивното унапредување и покрај предизвиците со кои се соочува.

Пронајдете не на следниве мрежи: