Нема да доделам мандат на секој кој преговара за платформи од туѓи држави со кои се загрозува суверенитетот на Македонија

– Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов попладнево во обраќање пред јавноста рече дека нема да му го даде мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев и оти од него побарал тој јавно и јасно да ја отфрли и осуди албанската платформа, бидејќи, како што кажа, македонските граѓани на изборите гласаа за реформите и за исполнување на обврските од договорот од Пржино, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава.– Ниту Уставот ниту совеста не ми дозволуваат да дадам мандат на секој оној кој го руши суверенитетот и независноста на Република Македонија, рече македонскиот претседател.
Во согласност со Член 84 од Уставот на Република Македонија, кажа Иванов, тој нема да определи мандат за состав на Влада на Република Македонија на секој оној кој преговара за платофрми на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста.
Претседателот Иванов соопшти дека денеска имал консултативна средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев во однос на одлуката за доделување мандат за состав на Влада, на која го запознал за сите правни мислења за кои вчера разговарал со компетентни правни експерти. Според нив, во согласност со член 90, мнозинството е постигнато и тоа е основа за да се додели мандатот за состав на Влада.
– Сепак, според правните експерти, проблем се роковите. Имено, за да се испочитува член 90 од Уставот на Република Македонија останува исполнувањето на роковите кои се утврдени со Устав. Почитувањето на роковите е неопходно за трансферот на власта да биде легален и легитимен. Разговаравме за повеќе решенија како да се надмине проблемот со роковите и да се додели мандатот, а притоа одлуката да не биде во спротивност со член 90 од Уставот. Ова прашање е лесно надминливо и за тоа постојат решенија, особено сега кога е веќе обезбедено мнозинство во Собранието. Во спротивно, мојата одлука за доделување на мандат без запазување на рокот од 10 дена даден во член 90 може да биде оспорена, истакна Иванов во своето обраќање.
Му предложил на Заев да изврши консултации и да го извести за нивниот став за понудените решенија.
– Препорачав да се држиме до воспоставената практика од 1992 година, кога и во трите обиди за формирање Влада се почитувани уставно утврдените рокови од 10 дена. Ме информираа дека СДСМ останува на ставот дека роковите во Уставот и воспоставената практика од 1992 година не се пречка за доделување на мандатот и бараа доделувањето на мандатот да биде веднаш, рече претседателот Иванов.
Посуштествен проблем, според претседателот Иванов е политичка платформа од туѓа држава со која се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава.
– Со оваа платформа, Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, суверенитет и независност се загрозени, истакна Иванов.
По изборите, кажа тој, бевме непријатно изненадени од една постизборна политичка платформа од туѓа држава.
– Платформата е постизборен документ изработен и потпишан во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Содржината на платформата е надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор, рече претседателот.
Процесот на пост-изборно коалицирање и формирање на нова Влада, истакна Иванов, стана заложник на оваа пост-изборна платформа од туѓа држава.
– Наместо конечно да излеземе од политичката криза, поради оваа платформа ние за жал заглавуваме во уште подлабока криза во која се доведоа во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани, рече тој.
Долго време очекувал, како што кажа, дека одредени политички партии ќе покажат државотворност и зрелост и јавно ќе одбијат воопшто да зборуваат за таквата туѓа пост-изборна платформа.
– За жал, видовме дека наместо веднаш и без дискусија да ја отфлат, некои почнаа со неа да лицитираат, несфаќајќи дека всушност лицитираат со унитарниот карактер на државата, со идентитетот на граѓаните и државните интереси. За карактерот и иднината на државата не може да се преговара, ниту да се водат разговори на нетранспарентен начин. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината за содржината од разговорите, потенцираше претседателот.
Според него, и за ова има решение. – За време на средбата од господинот Заев побарав јавно и јасно да ја отфрли и осуди оваа платформа, бидејќи, македонските граѓани на изборите гласаа за реформите и за исполнување на обврските од договорот од Пржино, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава. Оттука, втората, суштинска забелешка е дека разговарање за содржината или преговарање за платформа на туѓа држава е спротивно на Уставот на Република Македонија, рече Иванов.
Преговарањето и прифаќањето на туѓа платформа, додаде тој, е казниво дело според Кривичниот законик, бидејќи тоа значи доведување на Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава.
Претседателот Иванов истакна дека исто така од меѓународната заедница се очекувало јасно и јавно да ја осуди таквата платформа која претставува бескрупулозно мешање во внатрешните работи и редефинирање на унитарниот карактер на нашата држава.
– Многу добро се сеќаваме дека меѓународната заедница излегуваше со такви ставови во случајот со други држави од регионот. За жал, во случајот со Македонија такво јавно осудување немаше. Ваквиот гласен молк ни потврди дека иднината на Македонија сега зависи само од нас, нејзините граѓани и нејзините институции, рече Иванов.
Мојата порака, како што кажа, е јасна. – Штом се воздржа од осудување на платформата што ја загрозува сувереноста и унитарноста на државата Република Македонија, сега меѓународната заедница треба исто така да се воздржи и од наметнување решенија кои би биле во спротивност со државните интереси на Република Македонија, потенцираше македонскиот претседател.
Според него, преговарањето за платформа на туѓа држава значи негирање на суверенитетот и самостојноста на земјата како што е наведено во Член 1 од Уставот на Република Македонија.
– Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Никој од граѓаните на ниту еден демократски избран претставник не му дал право, преговарајќи за пост-изборна платформа на туѓа држава да го загрозува суверенитетот на Република Македонија. Македонските граѓани на изборите гласаа за партиски програми, а не за постизборна платформа на туѓа држава, посочи Иванов.
Ова, додаде тој, се сериозни моменти од историјата на Република Македонија.
– Секој еден од нас мора најодговорно да се однесува, затоа што секоја погрешна одлука може да има несогледливи катастрофални последици за иднината на државата, рече Иванов.
Претседателот рече дека кога ја превзел функцијата Претседател на Република Македонија, согласно Уставот, на седницата на Собранието ја дадов и свечената изјава со која се обврзал функцијата да ја врши совесно и одговорно, се обврзал да ги почитува Уставот и законите и да ги штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.
– Во согласност со оваа моја заклетва, ниту Уставот ниту совеста не ми дозволуваат да дадам мандат на секој оној кој го руши суверенитетот и независноста на Република Македонија, рече Иванов.
За најавите дека ја злоупотребувал службената должност и дека можел да добе кривична пријава, Иванов рече дека ги охрабрува иницијаторите тоа и да го направат.
– Оние кои деновиве ми се закануваат ги повикувам да покренат и прашање за моја одговорност во согласност со Уставот. И во оваа прилика јасно им кажувам – не постојат закани и уцени што ќе ме натераат да го прекршам Уставот. Но, истовремено ги охрабрувам да поднесат кривична пријава согласно Кривичниот законик на Република Македонија и против секој оној кој ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, истакна Иванов.
Во согласност со Член 84 од Уставот на Република Македонија, кажа Иванов, тој нема да определи мандат за состав на Влада на Република Македонија на секој оној кој преговара за платофрми на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста.
– Туѓи пост-изборни платформи не можат и не смеат да бидат основа за формирање на Влада на Република Македонија, рече претседателот.
Ние, потенцираше Иванов, немаме резервна држава. – Република Македонија е единствената држава што ја имаме. И немаме историско право да го уништиме она за што се бореле и гинеле генерации. Тие ни ја оставиле оваа држава за да им ја оставиме на се уште неродените, на нашите деца и потомци. Затоа, сакам да ве уверам, вас граѓаните, дека можете да бидете спокојни. Се додека сум Претседател на Република Македонија, нема да дадам мандат ниту на човек ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за рушење на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија. Бидејќи длабоко верувам дека ова се темелни вредности со кои никој нема право да тргува. И не мислам да отстапам од нив, потенцираше претседателот Иванов.– Ниту Уставот ниту совеста не ми дозволуваат да дадам мандат на секој оној кој го руши суверенитетот и независноста на Република Македонија,

Пронајдете не на следниве мрежи: