Состанок на европскиот борд на архивите – ЕУРБИКА, под покровителство на ДАРМ

Државниот архив на Република Македонија денеска и утре е домаќин на Состанокот на Извршниот одбор на Европскиот регионален огранок на Меѓународниот архивски совет на кој ќе се дискутира за повеќе прашања што се однесуваат на EURBICA и неговото функционирање, како и за иницијативи за идни проекти.Директорот на Македонскиот архив Филип Петровски информираше дека на состанокот ќе учествуваат 16 држави меѓу кои и претставници од Југоисточна Европа.
– Го поканивме и регионот на Југоисточна Европа да присуствува на Европскиот борд, за да се спојат активностите на европско ниво со нашиот регион, појасни Петровски.
Потсети дека минатата година во Македонија состанок одржал Регионалниот борд на Југоисточна Европа на кој се разговарало за обединувачки иницијативи на архивите.
– Сега сме во понапредна фаза, што значи дека веќе нашата иницијатива ќе биде прифатена на европско ниво како регионална иницијатива, истакна Петровски.
Архивите, според претседателката на Европскиот регионален огранок Дебора Џенкис од Велика Британија, се од основна важност за нашиот идентитет и на идентитетите на сите народи од Европа.
– Сметаме дека од основна важност е да ги прифатиме како добрите така и лошите делови од нашата историја и истите да ги ставиме во релевантни контексти, порача Џенкис. На состанокот предвидено е учество и на претседателот на Меѓународниот архивски совет Дејвид Фрикер.
Државниот архив на Република Македонија  е член на Меѓународниот архивски совет од 1992 година и оттогаш е активен член во структурите на оваа организација.

Пронајдете не на следниве мрежи: