Тодоров: Сé што е уништено ќе биде изградено

Република Македонија овие денови се соочува со најголемата природна катастрофа што го има зафатено скопскиот регион по земјотресот во 1963 година. Се работи за невреме со огромна разорна моќ кое остави зад себе последици кои причинија огромна штета, но и најлошото, невреме кое зема човечки жртви. Досега 22 лица ги загубија своите животи.Затоа во оваа прилика уште еднаш сакам да изразам сочувство до семејствата на загинатите наши сограѓани. Нивната најголема семејна трагедија претставува наша заедничка најголема загуба, рече во своето обраќање од собраниската говорница вицепремиерот Никола Тодоров.
-Велат се ќе се поправи и изгради, но загубениот живот не се враќа. Таквите загуби алармираат за големината но и сериозноста на невремето од коe беше зафатен скопскиот регион. Граѓаните од погодените населени места се соочија со природен феномен, за коj што експерти посочуваат дека се случува еднаш во 10 века. Огромна водена бомба, која за кус период истури над 90 литри вода на метар квадратен, која што подоцна имаше разорно дејство за населението. Природниот феномен со кој што се соочи нашата држава не е единствен, ниту пак штетите кои беа предизвикани се единствени, но на огромно жалење овој пат нашата држава се вброи во црниот биланс на држави кои се зафатени од вакви катастрофални непогоди. Огромни масиви на вода уништуваа се, пред се, куќи, земјоделски посеви, моторни возила, добиток, рече Тодоров.
Тој нагласи дека има семејства кои што ја загубија целата своја покуќнина, целата своја заработка стекнувана со години и децении. Наеднаш и преку ноќ поплавата се им однесе. И тоа се штети и огромни загуби кои ја потресоа целата нација, кои не оставаат човек да биде рамнодушен.
-Потресна глетка и потресни слики остави поплавата во сите населени места и населби кои ги зафати оваа катастрофа. Штетите и загубите се огромни, а потребата за нивна санација и обнова уште поголема. Токму затоа утрото после поплавата алармираше за потребата од солидарност и хуманост. За потребата од силен активизам и помош на граѓаните во кризните региони.  И тоа веднаш се случи и за тоа сте сведоци и сите вие пратениците но и сите граѓани на нашата држава. И затоа посебно ќе се осврнам во текот на обраќањето. На почетокот сакам да се осврнам на дилемата која се појави во јавноста за тоа дали невремето можеше да се предвиди. Одговорот на експертите е дека со оглед на реткоста на феноменот тоа е многу тешко остварливо, дури невозможно. -Многу ретка и екстремно силна- овој настан е феномен за метеоролозите. Природна катастрофа што го зафати Скопје е непредвидлива појава.Се работи за огромна количина вода која падна за многу краток временски период. За 2 часа наврна дожд повеќе од просек за еден месец, тоа е природна катастрофа со несогледливи последици, изјавуваа експертите., рече Тодоров.
Треба да бидеме свесни, нагласи тој дека многу посилни и многу поголеми држави од нашата се соочуваат со вакви слични катастрофи. Пред моќта на природата не постои безбедна заштита или гаранција. Примерите за таквите природни појави се небројни. Па така, во 2014 година имаше поплави во Србија, БиХ, Хрватска, Романија, Унгарија каде загинаа 86 лица, и штети повеќе од милијарда евра. Во поплавите во Бугарија истата година загинаа 16 луѓе. Година претходно, во 2013 година, се случија таканаречените европски поплави кои ги зафатија Австрија, Чешка, Германија, Унгарија, Полска, Словачка и Швајцарија кои однесоа 25 жртви, и создадоа штета од 12 милијарди евра. Во поплавите во Франција во 2010 година имаше 25 загинати.
-Втор момент овие бројки кои ги кажувам, не се за да го намалам значењето на катастрофата и загубите во Македонија, туку да предочам за глобалниот предизвик од кој ниту една земја не е имуна. Што е и доказ дека и најразвиените земји се немоќни пред разорната сила на природните непогоди. Втор момент на кој сакам да се осврнам на денешната седница е главното прашање кое гледам овие денови се поставува – дали можело подобро и поефикасно да се справи државата со последиците од невремето. Мојот одговор за ова е следен: Државата со сите свои институции, Армијата, полицијата, волонтерите  и хуманитарните организации направија и прават се што може и што е во нивна моќ на терен да се обезбеди нормализирана ситуација и да се санираат штетите. Изминативе денови се вистински пример за силен активизам, како институционален така и граѓански. Пример за солидарноста и посветеноста, посветената работа за санирање на штетите и почетна нормализација на состојбите во критичните подрачјаж, рече Тодоров.
Истовремено, рече Тодоров, би секал да се осврнам на уште еден сегмент а кој е поврзан со одредени обиди за правење на поделби на граѓаните и презентирање на слика во јавноста за одредени поделби. До сите оние кои на било каков начин се обидуваат да поттикнат или преземаат поделба на граѓаните во кризните региони сакам да им порачам:
-Секој што искрено помага во кризните региони не прави поделба на граѓаните. Во вакви моменти најмалку ни е потребна поделба, партиска, а уште помалку етничка или верска. Оваа поплава направи подеднакви штети и за македонците, и за албанците, и за ромите, србите, бошаците, власите, турците…. Претрпени се огромни загуби во многу домови. Природната катастрофа не познава граници ниту прави поделби, исто како што и солидарноста која треба да ја пружиме, не треба да познава било какви граници и поделби. Токму затоа изминатите денови и институциите, и полицијата, и армијата, и волонтерите и хуманитарците помагаат подеднакво и на христијаните и на муслиманите, и на македонците и на албанците и ромите, турците, србите, ромите, власите, бошњаците…. Овие штети се заеднички и затоа обединето и сложно работиме за санација на се што е разрушено во овие региони. Затоа благодарност до сите. Секој кој се фати за лопата, ашов, копач и кофа за рака е херојот на ова време. Многу е лесна и јасна разликата помеѓу оние кои сакаат да прават политика и оние кои сакаат да помогнат. На оние кои по секоја цена сакаат да најдат забелешка ќе им порачам: Не е  време сега за тоа. Не е сега време за зборување и долги дискусии. Сега е време за конкретна акција, за конкретна работа и затоа  ајде со лопата во рака и да им помогнеме тоа да се санира, да им помогнеме  на нашите сограѓани. Тие тоа го очекуваат од нас и тоа е наша обврска. Во овој контекст сакам објективно да кажам дека на терен видов и луѓе од СДСМ, од ДУИ, ДПА, ГРОМ, Социјалистичката партија и многу други политички партии. Некогаш и присуството и помошта е значајно. Благодарност до сите вас, до членовите на различните политички партии, кои на било каков начин сте помогнале и сте направиле добро дело за луѓето од овие региони, рече Тодоров.
Тој нагласи дека фазата на обнова ја започнале.
-Ние ќе бидеме на терен и со луѓето до последната обновена куќа. До последната обновена улица. Се што е уништено ќе биде изградено, се што е оштетено ќе биде поправено и надоместено.   До вчерашниот ден над 40 тима за проценки извршија над 3000 увиди во оштетените домаќинства. Следува процесот на авансното плаќање, кое ќе биде најпотребно за најоштетените и најпогодените или оние кои загубиле се во ова невреме, и по комплетно завршување на проценките на штетите ќе следува и комплетното обесштетување.
10 посебни тимови за проценка на штетите на моторните возила веќе попишаа над 600 моторни возила, а 15 комисии за проценка на штетите на земјоделските посеви и сточниот фонд ги разгледуваат сите направени штети на земјоделските стопанства и сточниот фонд во кризните региони. Механизацијата ќе продолжи да работи на терен, а армијата и полицијата да помагаат се додека постои потреба. Нема да ги креваме очекувањата и да кажеме дека се ќе биде готово за неколку дена или една недела, ќе бидат потребни и неколку месеци, но ќе ви кажам дека направиме се за нормализација и враќање на првобитната состојба. Паралелно со ова, еден од најголемите предизвици е спречувањето на појава на заразните болести кои во вакви прилики се речиси редовна појава. За таа цел тимови од центрите за јавно здравје од целата држава се на терен и вршат дезинфицирање и прочистување на теренот зафатен од поплавите, на домовите, на улиците и останатите објекти. Во меѓувреме будно се следи состојбата и при секоја промена ќе се реагира адекватно и соодветно со цел заштита на здравјето на граѓаните, рече Тодоров. Затоа во оваа прилика уште еднаш сакам да изразам сочувство до семејствата на загинатите наши сограѓани. Нивната најголема семејна трагедија претст

Пронајдете не на следниве мрежи: