Заев со изјава ќе ја гарантира унитарноста на Македонија пред Иванов

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, подготвува изјава, која треба да биде гаранција пред шефот на државата, Ѓорге Иванов, за унитарноста на државата и дека Македонија ќе остане целовита, за претседателот да му го даде мандатот да формира влада, дознава „Дневник“ од партиски извори.Потегот на Заев ќе следува откако вчера „Службен весник“ ја објави одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието.
Заев лично ќе му ја врачи изјавата на претседателот Иванов откако таа претходно ќе биде усогласена со лидерите на ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса, Али Ахмети, Зијадин Села и Билал Kасами. Засега нема информации кога Заев ќе појде кај Иванов, додава Дневник.
Шефот на државата по инцидентот во Собранието оцени дека е неопходно да се одржи средба на лидерите на парламентарните партии, како најодговорни за наоѓање решенија во согласност со Уставот, законите и Деловникот за работа на Собранието. Иванов по средбата со Хојт Ји, заменик на помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, побара Заев и коалициските партнери да обезбедат гаранции за унитарноста на државата, а САД да помогнат во тоа.
Тогаш Иванов соопшти дека ако постои вистинско лидерство од претседателите на парламентарните партии, правната и политичката пречка за определување мандат за состав на влада се надминливи.
– Претседателот Иванов бара од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека со коалициските партнери ќе дојдат и ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и оти с` ќе биде во согласност со Уставот – соопштија од кабинетот на Иванов.
Тогаш тој истакна и дека платформата од Тирана не може да биде услов, ниту основа за формирање влада и дека единствено преку дијалог мора да се бараат решенија.
По ова Заев во неколку наврати повтори дека е подготвен да појде кај Иванов за лично да гарантира дека нема да се чепка во унитарноста на државата.
– Подготвен сум да го посетам господинот Иванов, ќе разговарам и со лидерите на коалициските партнери ако сакаат да ме придружуваат и заедно уште еднаш да отидеме да ја гарантираме унитарноста, уставноста, мултиетничноста, перспективите на државата во НАТО и ЕУ и сето она што евентуално претставува загриженост кај господинот Иванов, а се во функција час поскоро да го додели мандатот – рече Заев.
Но, откако Ахмети и Села одбија да одат кај шефот на државата, Заев изјави дека со овластување на потенцијалните владини партнери, тој ќе оди на средба кај претседателот.
Од кабинетот на Иванов вчера немаше информација дали и кога ќе закаже средба со Заев.
Од СДСМ, пак, вчера порачаа дека не постојат повеќе никакви пречки мандатот за нова влада веднаш да биде доделен и потврдија дека ќе биде реафирмирана и програмата на новата влада, која, според нив, ги гарантира унитарноста и независноста на државата.
ОСМАНИ: Македонската химна не е и наша химна
Во интервјуто за тетовската телевизија „Kоха“, во однос на македонската химна, Бујар Османи го истакна и следното:
– Ние стануваме пред албанската химна во секоја ситуација. Ние не ја признаваме како наша химната на Македонија затоа што не ја рефлектира албанската заедница тука во Македонија како втора по големина.
Османи не ја гледа Беса во новата влада
Паралелно со подготовката на изјавата за гаранции на унитарноста, во тек се и преговорите меѓу партиите за состав на владата. С` уште е неизвесно дали сите партии на Албанците од парламентарното мнозинство ќе бидат и дел од новата влада. И додека интерес на Заев е во владата да ги има ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса, а по можност и ДПА на Мендух Тачи, нетрпението помеѓу ДУИ и Беса добива интензитет.
Веќе објавивме дека во ДУИ нема расположение да седат во владиниот кабинет со Беса. Тоа индиректно го потврди и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, за тетовска телевизија. Тој, зборувајќи за програмата на новата влада, вели дека во неа ќе бидат содржани програмите на СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците.
Османи на прашањето со кои партии се разговара за формирање на новата влада, ја споменува само Алијансата за Албанците. Тој за Беса не ни смета дека е партија на Албанците. Според него, ДУИ во новата влада ќе има посилни позиции и ќе инсистира на спроведување на албанската платформа.Потегот на Заев ќе следува откако вчера „Службен весник“ ја објави одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Пронајдете не на следниве мрежи: