Српскиот адвокат Стефан Чорда денеска изјавил дека сведочењето на малолетникот Коста Кецмановиќ кој на 3-ти мај минатата година уби девет врсници и чувари во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград е важно за прашањето околу осудителната пресуда за неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ и други лица на кои им се суди во оваа постапка.
Тој за државната агенција „Танјуг“ изјавил дека од сведочењето на момчето се слушнале причините зошто извршил масовно убиство и додаде дека тие причини директно ги зголемуваат шансите за осудителна пресуда, што, според него, постои можност да се случи по сведочењето на момчето.
Чорда истакнал дека тој лично е поддржувач на идејата судењето на Кечмановиќ да биде отворено за јавноста поради работите во случајот, како што се фотографиите и видео снимките, кои според него се вознемирувачки и за професионалците, а не обичните граѓани.
Обвинението на 270 страници го товари таткото на 13-годишното момче за тешки дела против општата безбедност, односно дека го носел синот на стрелише и го обучувал да ракува со огнено оружје, како и дека не ги обезбедил соодветно своите два пиштола со кои момчето ги извршило злосторствата.
Мајката, чија ДНК беше пронајдена на чаура е обвинета за недозволено изработување и држење оружје и експлозивни материјали. Обвинителството за нив бара казна затвор од 12, односно две и пол години. Со обвинението се опфатени уште двајца, претседателот и инструкторот на стрелачкиот клуб, каде тренирало детето.