„Денеска сум овде во Лерин, на границата на нашата земја и треба да ви кажам дека сум прилично незадоволен поради фактот што нашите северни соседи одбраа во овие околности да го вратат времето назад и да го оспорат името на нивната земја, кое е договорено преку меѓудржавен меѓународен договор“, рече Мицотакис во Лерин
Доколку настојуваат да го оспоруваат јадрото на договорот во врска со името на државата и да ја нарекуваат така како што сакаат да ја нарекуваат, тогаш ќе треба да знаат дека нивниот европски пат ќе остане затворен – рече денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во порака до Скопје и до новата власт.
Говорејќи пред граѓаните на градот Лерин, Мицотакис додаде дека „ова не го кажува со радост“, бидејќи, како што рече, соседи сме и Грција сака да имаме добри односи.
„Граѓаните на Северна Македонија не сакаат ниту тензии, ниту национализам. И посакувам и се надевам дека ќе се вразумат и ќе се вратат на правилниот пат“,
рече Мицотакис, јавува дописничката на МИА од Атина.
Грција е во предизборен период во пресрет на евроизборите на 9 јуни, а Мицотакис попладнево одржа предизборен митинг во Лерин во рамките на денешната посета на северозападниот дел на земјата.
И овој пат, меѓу другото, во обраќањето до граѓаните се осврна и на односите со нашата земја и на Договорот од Преспа.
„Денеска сум овде во Лерин, на границата на нашата земја и треба да ви кажам дека сум прилично незадоволен поради фактот што нашите северни соседи одбраа во овие околности да го вратат времето назад и да го оспорат името на нивната земја, кое е договорено преку меѓудржавен меѓународен договор“,
рече Мицотакис.
Тој потсети дека Нова демократија беше против Договорот од Преспа, но како што посочи, тогаш со апсолутна искреност рекол дека не може да се промени, да се искине или да се смени со еден закон и член, бидејќи е меѓународен договор.
Грчкиот премиер Мицотакис со порака дека патот на С Македонија до Европската Унија ќе остане затворен доколку целосно не се придржува до Договорот од Преспа упати и од обраќањето пред граѓаните на градот Верија во Северна Грција.
Мицотакис во интервју за државната телевизија ЕРТ рече дека никаков напредок на долгиот пат на Скопје кон Европа не може да се постигне без апсолутно почитување на Договорот од Преспа за прашањето за името.
Тој посочува дека во основата на договорот од Преспа е концептот на именување, односно името Северна Македонија да се употребува „ерга омнес“ и да важи за сите, односно да се користи и внатре и надвор од државата.
Реакциите од грчка страна се интензивираа по инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, како и по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските одредби.